ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ПРАВИ СКРИНИНГ ТЕСТИРАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИ ЛИЦА, УЧИТЕЛКИ, ТАКСИСТИ И ПОЛИЦАЈЦИ

    ОД СЛЕДНАТА НЕДЕЛА ЌЕ СЕ ПРАВИ СКРИНИНГ ТЕСТИРАЊЕ НА ЗДРАВСТВЕНИ ЛИЦА, УЧИТЕЛКИ, ТАКСИСТИ И ПОЛИЦАЈЦИЗдравствените работници на Инфективната клиника во Скопје ги поздравуваат новинарските екипи (Фото: Ѓ. Личовски)

    Од следната недела ќе се прави скрининг тестирање за коронавирус на лица за коишто се смета дека се во критични категории како: здравствени работници, вработени во градинки, вработени во домови за згрижувањена стари лица, припадници на полиција, возачи во ЈСП и таксисти, вработени во јавни служби (шалтерски работници), пациенти пред хоспитализација.

    Министерството за здравство соопшти дека планот за скрининг го прават Центарот за јавно здравје во Скопј и Институтот за јавно здравје.

    „Со скринингот, кој ќе се прави со ПЦР тестови, ќе се овозможи поквалитетна проценка за можноста за олабавување на рестриктивните мерки, но и значително ќе се зголеми бројот на тестови“, велат од министерството.

    Следните денови ќе биде готов новиот алгоритам и ќе се дефинира таргетираниот број на тестови што ќе се прави дневно. Кластерите по возраст и хронични болести би биле опфатени со испитувања во натамошниот период, за да се види прокуженоста на населението од овој вирус. Матичните доктори ќе го добијат новиот алгоритам и преку МојТермин ќе закажуваат тестирање на одреден број лица според можностите на системот на дневна база.

    Брисевите ќе се земаат во постојните пунктови и ќе ги транспортираат Центрите за јавно здравје во претходно одредени лаборатории.

    „Стратегијата на Министерството за здравство од почетокот на епидемијата беше да се тестираат пациенти со симптоми и согласно оваа стратегија работевме целиот овој период. Таа даде исклучително добри резултати без да ги оптовари капацитетите за тестирање и за хоспитализација што беше наша примарна цел. Тоа што во изминатите денови имаме намален број на тестирања е доказ дека бројот на активни пациенти во нашата земја значително се намалува што уште еднаш ја потврдува успешноста на досегашните чекори“, додаваат од кабинетот на министерот Венко Филипче.

    Според последните податоци до вчера, во земјава се  направени вкупно 17.359 тестирања на КОВИД-19.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира