ОД СНИМКИТЕ СЕ ГЛЕДА ДЕКА ОБВИНЕТИОТ АЗИРИ ГИ ДАЛ ИЗЈАВИТЕ ПРЕД ИСТРАЖНИОТ СУДИЈА БЕЗ ПРИСИЛБА, КАЖА ФЕТАИ НА СУДЕЊЕТО ЗА „МОНСТРУМ“

    ОД СНИМКИТЕ СЕ ГЛЕДА ДЕКА ОБВИНЕТИОТ АЗИРИ ГИ ДАЛ ИЗЈАВИТЕ ПРЕД ИСТРАЖНИОТ СУДИЈА  БЕЗ ПРИСИЛБА, КАЖА ФЕТАИ НА СУДЕЊЕТО ЗА „МОНСТРУМ“Од СЈО велат дека првичните изјави на обвинетиот Хаки Азири ќе служат како доказ, иако тој ги негира. - Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи (Фото: СДК.МК)

    На денешното судење за предметот „Монструм“ беа пуштени повеќе видео фајлови од изјави и признанија на обвинетиот Хаки Азири, кои сега на повтореното судење, тој ги негира и тврди дека ги дал по тепање и малтретирање од полицијата.

    Смирен и спокоен, Азири пред истражниот судија Владимир Туфегџиќ во Кривичниот суд на 17.05.2012 година дава детален и хронолошки редослед за неговиот удел веднаш после петкратното убиство кај Смиљковско езеро.

    На прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК која е поентата што иако негира, снимките од неговиот исказ се пуштаат во судница, обвинителите од СЈО велат дека првичните негови изјави ќе служат како доказ.

    Хаки Азири тогаш си признава дека попладнето пред масакрот го однел третообвинетиот Агим Исмаиловиќ до Топанско Поле кај што се префрлил во „опел омега“ и заминал некаде да расчистел нерасчистени сметки.

    „Потоа, како што ми рече Агим, отидов кај обиколницата за Качанички пат, да чекам со моето возило „мазда“. Кај 20 часот застана зад мене истата темно црвена „опел омега“. Се отворија вратите, не видов кој излезе. Но, за неколку секунди во мојата кола влегоа Алил Демири и Африм Исмаиловиќ. Агим го немаше. ‘Што бидна?’, прашав. ‘Направивме гомнарија, убивме човек’, рече Африм. Ми рекоа да возам кај мене. Молчев јас, молчеа тие“, сведочи на видеото Хаки Азири.

    Одговара дека двајцата кои ги возел немале оружје, но имале маски на главите, црни тренерки и црни ракавици. Кај 23 часот на интернет разбрал дека се убиени деца. Кога го кажал тоа, Алил Демири ја наведнал главата. Се пушта ново видео каде Хаки Азири кажува пред истражниот судија дека првообвинетите Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои по убиството избегаа на Косово, дека токму таму имаат роднини.

    Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека целта е постигната, оти од снимките се виде дека изјавите Хаки Азири ги давал без присилба пред истражниот судија и оти не мора натаму да се преслушуваат сите видеа. Судењето продолжува на 5 јули.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира