ОД СТАРАТА ШОФЕРШАЈБНА МИ СЕ ОШТЕТИ ВИДОТ, СВЕДОЧЕШЕ УРКО НА СУДЕЊЕТО ЗА МЕРЦЕДЕСОТ

    ОД СТАРАТА ШОФЕРШАЈБНА МИ СЕ ОШТЕТИ ВИДОТ, СВЕДОЧЕШЕ УРКО НА СУДЕЊЕТО ЗА МЕРЦЕДЕСОТДејан Митревски - Урко, долгогодишниот шеф на обезбедувањето на експремиерот Никола Груевски, утринава со адвокатите пристигна да сведочи во Основниот суд Скопје 1. (Фото: СДК.МК)

    Дејан Митревски – Урко, долгогодишниот шеф на обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски, кој е обвинет од СЈО дека незаконски влијаел на МВР од осиромашениот буџет за негови потреби да купи мерцедес од речиси 600.000 евра, сведочеше денеска во Основниот суд Скопје 1 во предметот „Тенк“.

    „Имавме проблеми и со шофершајбната. Почна да прави диоптрија. Дека седам напред со возачот, по целодневните возења имавме проблеми во главите. Се јавив во фабриката, ми потврдија дека шофершајбната на старото блиндирано возило до кое се возеше господинот Груевски, е стара и исфрлена од употреба. По ова отидов на очен лекар, имав оштетувања на видот“, рече Урко, кој кажа дека уште работи во МВР.

    Според него, тоа возило прегревало на угорници, откажувале црева и други негови делови и еднаш поради тоа удрило во столпче во Велес. Урко рече дека постојано го предупредувал Груевски за ризиците и му укажал оти треба ново да се купи, но тој му кажувал дека нема потреба, ќе позајмуваат од министрите.

    СЈО не им постави прашања на 20-тината сведоци, сите вработени во МВР, кои го обезбедувале Груевски како премиер.

    „Ние никогаш не сме рекле дали требало или не нови ВИП возила, туку обвинуваме дека набавката на скапиот блиндиран мерцедес е незаконска и надвор од нормите пропишани во Законот за јавни набавки. Да било според законот, ќе се јавеле можеби и други фирми добавувачи со пониски понуди и исти такви поевтини автомобили“, велат од СЈО.

    Покрај Груевски, за кого беа објавени телефонски разговори како дневно и по три-четири пати и се јавувал на тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска да ја прашува и притиска за тоа на „М“, обвинета е и таа. Обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувањата е и Ѓоко Поповски, тогашен помошник-министер, кој се товари дека ја наместил набавката да ја добие фирмата „Макаутостар“, за мерцедесот со скапи перформанси што ги нарачува Груевски во бомбите.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира