Од тројца судии во советот што одлучуваше за притворот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во случајот „Титаник“, едниот се разболел, а друг бил изземен, соопшти Основниот суд Скопје 1. Од Судот велат дека од веќе формираниот совет од тројца судии, судијката Билјана Коцевска, поради здравствени проблеми, утврдени од дежурен лекар во саботата, била спречена да учествува во одлучувањето и била заменета со судијката Џенета Бектовиќ.
„Од веќе формираниот совет од тројца судии Билјана Коцевска, Дарко Тодоровски и Дијана Груевска Илиевска, судијата Билјана Коцевска, поради настанати здравствени проблеми кои се утврдени од дежурен лекар на ден 01.07.2017 год.(сабота), беше спречена да учествува во одлучувањето. На местото на спречениот судија истиот ден во советот како член беше определен судијата Џенета Бектовиќ“, стои во објаснувањето на Кривичниот суд.
Судијата Дарко Тодоровски, пак, бил изземен од работата на советот на барање на одбраната на Груевски, а од Кривичниот суд велат дека не им е познато како обвинетите и одбраната дознале кои се членови на советот.
„Според списите од предметот од страна на обвинетите лица истиот ден во 17:20 часот во судската писарница е поднесено барање за изземање на судијата Дарко Тодоровски од одлучување по тој предмет. Како дознале обвинетите лица и одбраната за составот на советот не ни е познато и не можеме да дадеме одговор ниту коментар за истот“, соопшти Судот.
Од Судот објаснуваат и каква е постапката кога се бара иземање на судија.
„Ако работата по предметот не е завршена, судијата чие изземање се бара е должен да престане со работење по предметот и за тоа да го извести претседателот на судот кој е должен да одлучи по барањето. Судијата Дарко Тодоровски дал изјава по повод поднесеното барање за иземање и в.д. претседателот на судот одлучил по истото, го изземал судијата Дарко Тодоровски и за нов член на советот го определил судијата Марин Станевски. На судијата Марин Станевски решението со кое е определен за член на совет му е врачено истиот ден во 23,30 часот, кога судијата дошол во судот“, се вели во соопшението од Судот.
Од судот велат дека доколку по конкретниот предметот веќе било одлучено, ќе бил изготвен записник за советување и гласање и судијата Дарко Тодоровски ќе дал изјава со таква содржина, а барањето за изземање ќе било отфрлено.
САКАМДАКАЖАМ.МК вчера објави дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски се спасил од притвор по изземањето на судијата Дарко Тодоровски, член на советот кој одлучувал за мерката притвор за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, побарана од Специјалното јавно обвинителство за случајот „Титаник“. САКАМДАКАЖАМ.МК не ги објави имињата на претседателката и членовите на советот и на судијата кој бил вратен од Битола за да гласа против притворањето на Груевски, со оглед на тоа дека составот на советот е таен.
ВРАТИЛЕ СУДИЈА ОД ПАТ ВО БИТОЛА ЗА ДА ГО СПАСАТ ГРУЕВСКИ ОД ПРИТВОР
САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека обвинетиот експремиер во „Титаник“ Никола Груевски, како и останатите обвинети: Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, од тричлениот кривичен совет во Основниот суд Скопје 1 минатиот викенд првично добиле притвор. Но, со помош на претседателката на советот, која веднаш му јавила на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев за соодносот на гласовите од 2:1 за одредување притвор, незаконски бил тргнат од советот еден од судиите во советот. На негово место од пат во Битола итно бил вратен во Скопје негов колега судија, кој дал согласност дека ќе гласа против притвор заедно со претседателката на советот и со тоа третата судијка ќе ја надгласаат.
Г.ТРПЕНОСКИ