ВРАТИЛЕ СУДИЈА ОД ПАТ ВО БИТОЛА ЗА ДА ГО СПАСАТ ГРУЕВСКИ ОД ПРИТВОР

    ВРАТИЛЕ СУДИЈА ОД ПАТ ВО БИТОЛА ЗА ДА ГО СПАСАТ ГРУЕВСКИ ОД ПРИТВОР„Гласањето“ за притворот на Груевски и останатите обвинети од СЈО во случајот „Титаник“ било одложено додека не се врати од пат заменски судија па одлуката место во саботата во 21.40, беше соопштена дури во понеделникот попладне - Никола Груевски излегува од судот на 10 јуни минатата година по распит за друг случај на СЈО (архивска фотографија СДК.МК)

    Обвинетиот експремиер во „Титаник“ Никола Груевски, како и останатите обвинети: Гордана Јанкулоска, Мартин Протоѓер, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, од тричлениот кривичен совет во Основниот суд Скопје 1 минатиот викенд првично добиле притвор. Но, со помош на претседателката на советот, која веднаш му јавила на претседателот на Основниот суд Скопје 1 Стојанче Рибарев за соодносот на гласовите од 2:1 за одредување притвор, незаконски бил тргнат од советот еден од судиите во советот.

    На негово место од пат во Битола итно бил вратен во Скопје негов колега судија, кој дал согласност дека ќе гласа против притвор заедно со претседателката на советот и со тоа третата судијка ќе ја надгласаат.

    САКАМДАКАЖАМ.МК не ги објавува имињата на претседателката и членовите на советот и на судијата кој бил вратен од Битола за да гласа против притворањето на Груевски, со оглед на тоа дека составот на советот е таен. Во Кривичниот суд не одговорија како и покрај тајноста на оваа информација адвокатите на Груевски и останатите обвинети дознале кои судии седат во советот.

    Ова дава одговор зошто толку доцнеше „гласањето“ за притворот на Груевски и останатите обвинети од СЈО во случајот „Титаник“, па одлуката место во саботата во 21.40, беше соопштена дури во понеделникот попладне, објаснуваат нашите соговорници од Основниот суд Скопје 1.

    Според нашите извори, претседателката на тричлениот кривичен совет по пристигнувањето на „Титаник“, им рекла на колешката и на колегата да се запознаат со предметот и да ги разгледаат доказите. Ги оставила сами во канцеларијата и излегла.

    Двајцата судии по разгледување на списите, констатирале дека има основ да се одреди мерка притвор за обвинетите: Груевски, Јанакиески, Јанкулоска, Протоѓер и Божиновски.

    Кога се вратила претседателката на кривичниот совет, двајцата колеги и кажале оти сметаат дека има основ за прифаќањето на мерката притвор што ја бара СЈО. Веднаш, како главна на советот, во присуство на двајцата колеги, му се јавила на в.д. претседателот на Кривичниот суд Стојанче Рибарев да го информира дека советот донел одлука за изрекување притвор на обвинетите. Таа гласала против.

    Тогаш главната на советот излегла од просторијата и по подолга пауза се вратила назад, со барање од одбраната за изземање на еден од судиите. Одбраната на Груевски и на останатите побарала изземање, поради покренатата постапка за негово разрешување пред Судскиот совет уште пред неколку месеци.

    По експресното изземање на судијата што гласал за притвор за обвинетите во „Титаник“, итно бил повикан неговиот колега, замената во кривичниот совет, кој бил на пат во Битола. Дури кога дошол овој судија, се пристапило кон официјално гласање и со 2 спрема 1 било одбиено барањето за изрекување притвор. Се прифатиле само  предлозите за мерки на претпазливост, одземање на пасошите и задолжителни јавувања во судот еднаш неделно.

    Го побаравме в.д. претседателот на Основниот суд Стојанче Рибарев за коментар околу изземањето на едниот судија со злоупотреба на податоци од тајна постапка, кои ги искористила одбраната на Груевски против судијата што гласал тој да биде притворен. Сакавме да го прашаме дали тој лично е вмешан во тргањето на судијата и обезбедувањето негова замена кој гласал за отфрлање на најстрогата мерка. Но, Рибарев не одговори на повикот.

    Судии во Основниот суд кои в.д. претседателот Стојанче Рибарев и претходниот претседател Владимир Панчевски со измени на распоредите ги тргнале од предмети на СЈО велат дека во случајов има елементи, не само за разрешување на в.д. претседателот на судот и на најмалку една судијка – претседател на кривичниот совет кои го спасувале од притвор експремиерот Груевски, туку и за  кривична одговорност за злоупотреба на службената положба и овластувањата.

    „Треба да одговараат и членови на Судскиот совет на РМ и на Советот за утврдување на факти, кои што им ги дале овие податоци на адвокатите. Тие постапки, додека не стигнат во Судскиот совет, се тајни, бидејќи не сите иницијативи за разрешување се прифаќаат и реализираат до крај“, објаснуваат судиите со кои контактиравме. Тие, патем,не би се зачудиле и ако за казна Судскиот совет во блиска иднина може и ќе го разреши судијата што гласал за притвор за Груевски.

    На прашањето зошто бил изземен само еден судија, а не и неговата колешка која исто како него гласала за одобрување на мерката притвор против Груевски, судиите од Основниот суд објаснуваат:

    „Имаше масовно поднесување претставки за разрешување до советот за факти против сите нас кои сме тргнати од случаите на СЈО. Дел од тие иницијативи се повлечени, дел уште стојат таму, за да нè заплашуваат со нив и да ги активираат или употребат кога ќе затреба, како што се случи со колегата кој не гласал по волјата на моменталното раководство на  судот. За колешката која исто како негоо гласала за притвор на Груевски, нема сè уште претставка за разрешување, па немале како да ја изземат и уценат“, објаснуваат судиите.

    Г. ТРПЕНОСКИ / С. К. ДЕЛЕВСКА 

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари