ОД УТРЕ ЛЕКОВИ БЕЗ КВОТИ И СО ЛИЧНА КАРТА КАЈ ЛЕКАР И ВО АПТЕКА

    ОД УТРЕ ЛЕКОВИ БЕЗ КВОТИ И СО ЛИЧНА КАРТА КАЈ ЛЕКАР И ВО АПТЕКАПремиерот Зоран Заев рече дека оваа мерка најмногу ги засега повозрасните граѓани, но дека се однесува на сите. (Фото: МИА)

    Граѓаните од утре ќе можат да подигнат лек од која било аптека и во кој било ден од месецот, бидејќи стартува укинувањето на квотите за лекови во целата земја. Ова го изјави Ден Дончев, директор на Фондот за здравствено осигурување, на денешната прес-конференција во Владата.

    „Од утре стартува нов систем за подигање на лековите, што ќе биде бенефит за сите и за лекарите и за граѓаните и за аптеките. Лековите ќе се издаваат под еднакви правила, нема да има фаворизирање на дистрибуцијата на лекови“, рече Дончев.

    Тој рече дека препишувањето и издавање на лековите ќе се одвива со легитимирање на граѓаните и кај матичните лекари и во аптеките.

    „За постарите лица, децата и сите оние што нема да можат да ги подигнат лековите, тоа ќе може да го направи некој од нивното семејство“, рече Дончев.

    Тој најави дека за понатаму подготвуваат нов електронски систем со кој во реално време ќе знаат кому е издаден лек.

    „Ова сега е преоден период и суштински ништо не се менува. Новината е дека се укинуваат квотите и дека не мора граѓаните од страв дека ќе останат без лекови во првите денови од месецот да ги подигаат“, рече Дончев.

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека од први октомври се укинуваат квотите во цела држава и дека со тоа се решава деценискиот проблем со недостиг на лекови во аптеките.

    „Ова е продолжување на пилот проектот што го почнавме во пет града во туристичките места, Охрид, Струга, Гевгелија, Ресен и Дојран, каде луѓето што одат на подолготраен престој ги трошеа квотите. Тој се покажа добар бидејќи и жителите и туристите имаа достапност на лекови. Сега нема да има гужви и нетрпение и во амбулантите и во аптеките при издавање на лековите и оној психолошки момент да се прават домашни аптеки од страв дека ќе останат без лек ќе биде надминат“, рече Филипче.

    Премиерот Зоран Заев рече дека оваа мерка е најчесто за повозрасните граѓани, но дека се однесува на сите.

    „Државата ни е финансиски ликвидна и стабилна и зголемен е приливот во буџетот на Фондот и се одлучивме на ваква мерка која благопријатно ќе влијае и на граѓаните“, рече Заев, кој додаде дека ако има кривични дела со рецептите тоа истрагата треба да потврди.

    Премиерот и министерот рекоа дека ова е само една од реформите во здравството и потсетија на другите проекти кои се реализирани или се во тек.

    Дончев рече дека имаат најдено низа трансакции со лековите кои се сомнителни и дека ќе продолжат со истрагата.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира