Од утре ќе започнат да се применуваат мерки за заштита од корнавирус со нови протоколи за работа за дејности кои имаат помал ризик. Ќе почнат со работа Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас – Скопје, центрите за едукација, обуки и семинари за возрасни, организација на седници на органи на управување и конференции, авто-школите, спортски тренинзи на отворено за индивидуални спортови, спортските и други обложувалници преку шалтер, затворените трговски центри без угостителските објекти во нив, соопшти премиерот Оливер Спасовски по владината седница. Владата го донесе Планот за попуштање на рестриктивните мерки, како процес кој би се одвивал во три фази, согласно развојот на епидемиолошката состојба.
Спасовски кажа дека заради максимална ефикасност и максимална заштита, ќе се применуваат посебно пропишани протоколи за работа на секоја од овие дејности. На пример, дејностите кои се занимаваат со одржување состаноци, седници, обуки, семинари, конференции, настани, ќе можат да ги спроведуваат своите настани во ограничено времетраење од најмногу 6 часа со задолжителна пауза на секои 2 часа. Пред почеток на обуките, курсевите, семинарите, учесниците треба задолжително треба да се известат дека ако имаат респираторни симптоми (температура, кашлица, отежнато дишење) им се препорачува да го одложат настанот односно да не присуствуваат.
Настаните ќе се организираат и со ограничен број на учесници согласно просторот со цел, но не повеќе од 30 лица, да се обезбеди физичко растојание на учесниците од 1,5-2метра, како и со задолжително носење лична заштитна опрема. Во просторијата задолжително треба да се обезбеди средство за дезинфекција на рацете, односно услови за почитување на општите мерки за повисоко ниво на лична и општа хигиена. Просторијата почесто да се проветрува, по можност за време на часовите и задолжително во текот на паузите, со забрането групирање на присутните. По завршување на настанот, просторијата да се исчисти и да се дезинфицира подот со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, во која мора да има обезбедено корпа за отпадоци со капак.
Владата на денешната седница заклучи да се дозволи службено патување на избрани и именувани лица, во странски држави, со почитување на препораките и протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство за одржување на потребното растојание и носење на лична заштитна опрема, заради координација и други работни активности поврзани со мерки заКОВИД-19 како и поради други итни причини кои не трпат одлагање, без спроведување на овие лица во државен карантин по нивното враќање во Македонија.
Согласно епидемиолошката состојба во државата и одлука од Комисијата за заразни болести, се дозволува отворањето на затворените трговски центри, со почитување на строги правила и протоколи за нивна работа. Во моловите се уште нема да биде дозволено примање гости во рестораните и кафулињата, освен преку систем за нарачка, шалтер или достава. Протоколот за отворање и работа на моловите предвидува ограничено/скратено работното време (10-18 часот), со исклучок во недела кога моловите ќе бидат затворени. Остануваат задолжителни сите мерки за заштита кои предвидуваат задолжително регулирање на влезот на лица во затворениот продажен центар од овластено лице за да не се дозволи групирање на луѓе во ходниците, задолжителната опрема за лична заштита на купувачите и вработените, како и дезинфекција на просториите во моловите.
Од утре со работа можат да почнат и спортските и другите обложувалници преку шалтер, согласно протоколот од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Од утре, започнуваат со работа на теретаните и фитнес клубови, како и активностите за спроведување тренинг на спортисти во поединечни спортови, во спортски објекти кои можат да ги задоволат техничките и сигурносни услови со можност за физичко растојание од 5 метри помеѓу секој спортист, со обезбедени сите санитарно хигиенски услови.
Спасовски најави дека по оваа прва фаза следи втората, како транзициона фаза, што е иницијално воспоставување на работните активности со почитување на препорачаните мерки и стриктни протоколи за работа, а потоа и третата фаза, која предвидува целосно враќање на редовниот работен процес со почитување на основните превентивни, против епидемиски мерки за одржување лична хигиена и физичко дистанцирање.
„Ова значи, дека дури и во третата фаза, кога ќе воспоставиме целосна функционалност во сите сектори, нашите обврски ќе продолжиме да ги извршуваме во поинакви услови, согласно новата реалност, со што новото секојдневие станува и наша нова нормалност. Тоа не треба веќе да се гледа ниту како нешто страшно, ниту како нешто чудно, туку како неопходност за заштита на нашето здравје“, рече Спасовски.
Меѓу секоја фаза ќе следува преглед и проценка на актуелната ситуација и одново одлука за тоа дали се исполнети условите за да се продолжи олабавувањето на мерките во секоја следна фаза. Спасовски рече дека сите следни чекори кон новата нормалност ќе зависат од три најважни критериуми: Дали епидемијата е ставена под контрола? Дали здравствениот систем е во состојба да се справи со повторното појавување случаи по олеснувањето на некои мерки? Дали системот за надзор на јавното здравство може да ги открие и да управува со случаите и нивните контакти и да идентификува повторување на случаи?
Спасовски одново укажа на обврската за редовна дезинфекција, заштитна маска на лицето, дистанца од 2 метра, што треба да се почитува секогаш и секаде.