ОД УТРЕ СКЕНИРАЊЕ НА ПАТНИЦИТЕ ОД ЛЕТОВИТЕ ОД ДУБАИ И ИСТАНБУЛ КАКО ПРЕВЕНТИВНА МЕРКА ЗА КОРОНАВИРУСОТ, КАЖА ФИЛИПЧЕ

    ОД УТРЕ СКЕНИРАЊЕ НА ПАТНИЦИТЕ ОД ЛЕТОВИТЕ ОД ДУБАИ И ИСТАНБУЛ КАКО ПРЕВЕНТИВНА МЕРКА ЗА КОРОНАВИРУСОТ, КАЖА ФИЛИПЧЕВо однос на пристигнување на вирусот преку роба, епидемиолозите сметаат дека тоа е практично невозможно. - Министерот за здравство Венко Филипче (Фото: СДК.МК)

    Министерот за здравство Венко Филипче најави дека од утре ќе се скенираат со термална камера патниците од летовите од Дубаи и Истанбул, кои имаат конекција со регионот Вухан во Кина, од каде што почна да се шири коронавирусот, од кој досега починаа 56 лица. Филипче рече и дека од утре ќе биде отворен телефонски број на кој ќе можат да се јават луѓето кои доаѓаат од регионот Вухан и кај кои можат да се јават симптоми за да не одат кај матичен лекар и амбуланти.

    „Нема простор за паника, немаме директни летови со овој регион во Кина што значи дека луѓето кои евентуално би дошле од таму се веќе неколку пати скенирани на другите аеродроми. Станува збор за вирус кој што дава многу слични симптоми на грипот. Може да помине со лесна, средна форма, но има и тешки форми кои што веќе предизвикаа смрт кај пациенти заболени од овој вирус. Морам да потенцирам дека тоа се пациенти кои се постари, со намален имунитет, и пациенти со хронични заболувања. Во однос на пристигнување на вирусот преку роба, епидемиолозите сметаат дека тоа е практично невозможно, но ние ќе преземеме мерки на превенција. Веќе од утре за летовите кои што имаат врска со овој регион од Кина, како летовите од Дубаи и Истанбул, патниците ќе се скенираат со термална камера. Нашиот аеродром, според последните евалуации, е на највисоко ниво за детекција и рано препознавање и рана изолација доколку кај потенцијалните заразени се најдат вакви симптоми. Ќе бидат активирани и лекарски екипи кои ќе прават прегледи, но со оглед на тоа што е сезона на грипови се очекуваат и лажни позитивни резултати“, изјави Филипче по состанокот на Комисијата за заразни болести.

    Министерот за здравство рече и дека за луѓето кои доаѓаат од регионот Вухан во Кина кај кои можат да се јават симптоми, за нив ќе биде утре објавен телефонски број на кој ќе можат да се јават за да бидат понатаму насочени каде да се јават во нашиот здравствен систем за да не се јавуваат по матични лекари и амбуланти со цел тој вирус потенцијално доколку постои да не се прошири.

    Филипче ги упати сите други пациенти кои имаат симптоми на грип да го пратат нормалниот процес кон матичниот лекар и понатаму кон инфективната клиника.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира