ОД ВЕЧЕРВА ЌЕ ГИ ЗАТВОРАМЕ КЛУБОВИТЕ ОТИ ЛУЃЕТО НЕМААТ СВЕСТ, ВЕЛАТ ОД ПАЗАРНАТА ИНСПЕКЦИЈА ПО СЛУЧАЈОТ СО ПРЕПОЛНАТА СТРУМИЧКА ДИСКОТЕКА

    ОД ВЕЧЕРВА ЌЕ ГИ ЗАТВОРАМЕ КЛУБОВИТЕ ОТИ ЛУЃЕТО НЕМААТ СВЕСТ, ВЕЛАТ ОД ПАЗАРНАТА ИНСПЕКЦИЈА ПО СЛУЧАЈОТ СО ПРЕПОЛНАТА СТРУМИЧКА ДИСКОТЕКА„Овој локал е регистриран како ноќен клуб, а дозвола за работа на ноќни клубови поради ковид-19 нема. Затоа тие не смееле воопшто да работат“, вели директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски. (Фото: Фејбук)

    Струмичкиот ноќен клуб „Аватар“ не смеел воопшто да работи бидејќи е регистриран како ноќен клуб, а не кафуле. Поради пандемијата на ковид-19 сѐ уште нема дозвола за работа на ноќните клубови, туку само за кафулиња и ресторани.

    Викендов во „Аватар“ се одржуваа концерти на кои, според фотографиите објавени на социјалните мрежи, ниту еден од присутните не носи маски. Од Пазарниот инспекторат велат дека во петокот извршиле контрола во овој клуб и биле регистрирани неправилности, по што направен е записник и ќе биде поднесена кривична пријава.

    „Овој локал е регистриран како ноќен клуб, а дозвола за работа на ноќни клубови поради ковид-19 нема. Затоа тие не смееле воопшто да работат. Не можат да работат како кафуле бидејќи немаат таква дозвола. Исто така, соодветна санкција за сопственикот на клубот ќе има и поради тоа што не се почитувале мерките односно присустните не носеле маски, а имало околу 600 гости“, вели  директорот на Пазарниот инспекторат Стојко Пауновски.

    Пауновски вели дека отсега дирекно ќе ги затвараат локалите кои работат без дозвола, бидејќи не можат да излезат на крај со газдите.

    „Граѓаните немаат свест. Нашите инспектори постојано се под притисоци и закани. Во Струмица праќаме инспектори од Скопје, оти на тамошните им се закануваат газдите на клубовите. Така е и во другите градови. Ние не можеме да ги казнуваме граѓаните кои не носат маски, тоа треба да го прави полицијата, а таа пак не доаѓа секогаш со нас на интервенции. Затоа, од денес веднаш ќе ги затвораме сите објекти каде ќе бидат констатирани неправилности“, додава Пауновски.

    Забавата со жива свирка и 600 гости во клубот „Аватар“ се одржа кога во земјава беа регистрирани рекордни 241 нови случаи на ковид-19, а починаа 8 лица.

    А. АНТЕВСКА  

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира