ОД ВРАБОТЕН КАЈ МИЛЕ ЈАНАКИЕСКИ, ПРЕКУ ЧЛЕНУВАЊЕ ВО МРСНИ КОМИСИИ СТАНАВТЕ БОГАТ АДВОКАТ НА ВМРО-ДПМНЕ И НА УРБАНАТА МАФИЈА, КАЖА АПАСИЕВ НА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА, А ТОШКОВСКИ МУ ОДГОВОРИ „НЕ СЕ НАПАЃА ТОЈ ШТО НЕ РАБОТИ“

    ОД ВРАБОТЕН КАЈ МИЛЕ ЈАНАКИЕСКИ, ПРЕКУ ЧЛЕНУВАЊЕ ВО МРСНИ КОМИСИИ СТАНАВТЕ БОГАТ АДВОКАТ НА ВМРО-ДПМНЕ И НА УРБАНАТА МАФИЈА, КАЖА АПАСИЕВ НА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА, А ТОШКОВСКИ МУ ОДГОВОРИ „НЕ СЕ НАПАЃА ТОЈ ШТО НЕ РАБОТИ“Лидерот на Левица Апасиев рече дека Тошковски има образ-ѓон оти не си поднесе оставка по катастрофалната трагедија во дивата дискотека „Пулс“. (Фото: К. Попов)

    Во третата интерпелација за две години против министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, лидерот на Левица Димитар Апасиев го нападна прво лично, за да му предочи на Собранието, како што рече, како министерот кој бил лепак за контроверзни бизнисмени, ја направил сомнително својата кариера и дека е криминален ум кому местото, како што рече, не му е за министер.

    „Бевте трет ешалон во времето на Никола Груевски и тој епитет, нема љутиш, ќе си го носите за цел живот. Ќе почнам со образованието. Вие сте правник со солиден просек, но да збориме за магистратурата. Секој вмровец кога ќе дојде на власт сака да магистрира, па така и министерот Панче Тошковски. Во сивито ви пишува дека веднаш штом сте дипломирале, сте запишале постипломски студии по кривично право и криминологија на ‘Јустинијан Први’. Но тоа било 2006 година. Дваесет години ви требало за да магистрирате. И баш кога сте на власт, лани пред Нова Година, сте магистрирале. Законскиот рок е тродупло за да магистрирате, во случајов 6 години. Мене ми е нејасно, како сте го задржале статусот на постдипломец 20 години?“, праша Апасиев, кој е вонреден професор на Правниот факултет при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.

    Кажа и дека „за разлика од Јанушев, од Ацо-Лигњата и од Здравковски, сите дојдени од УМС“, тој не е сеќава дека сограѓанинот од Велес Панче Тошковски бил во УМС (Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ).

    „Јанушев како свој штитеник го смести во кабинетот на Миле Јанакиески, па оттаму во ПУИГ, па во мрсни комисии: концесии аеродроми, патарини, јавни наддавања, легализации, дивоградби. Решавате да не работите веќе кај Миле, си отворате адвокатска канцеларија, па станувате адвокат фаворизиран од партијата, па адвокат фаворизиран од урбаната мафија. Христијан Мицкоски како директор на ЕЛЕМ ви дава да го застапувате, самиот Мицкоски го застапувате, па обвинети од СЈО, обвинети од 27 април, ја тужевте и Левица, ама бидејќи сте слаб адвокат, парницата ја изгубивте. Тужбеното барање од Мицкоски се одбива како неосновано, а трошоците од 20.000 денари тој уште ни ги нема платено“, ја прочита Апасиев пресудата.

    „Натаму, одите со урбаната мафија. Сте работеле со градежно земјиште, иако сте магистрирале за кривичар. Тоа е како хирург да работи оториноларинголог, таа е разликата. Плацот пред Собрание на фирмата ‘Анго ДООЕЛ’ што ние сега го национализиравме, вие сте го застапувале. Значи на сите вакви контроверзни случаи и бизнисмени, вие сте лепак. Сте станале прилично богат. Има гласини дека сте скриен сопственик на бугарски фирми заедно со Јанушев, за кој излезе дека има фирма ‘Вќустендил’ “, кажа пратеникот Апасиев со бугарски нагласок.

    Апасиев го обвини Тошковски дека направил тешка дисциплинска повреда поради која се одзема адвокатска лиценца, бидејќи истовремено бил сопственик на консалтинг-фирма и адвокатска канцеларија, што е со закон забрането. Башка, фирмата и адвокатската канцеларија, рече, му биле на иста адреса. Фирмата ја префрлил на три жени и еден маж, битен за Апасиев.

    „Ја префрлате фирмата на ваш колега, Владо Пешниковски. Овој Владо е обвинет во предметот ‘Агент’ во 2014 година за перење пари преку кипарски офшор компании, во износ од 30 милиони евра. И сега си викам, како ваков министер за ред, за безбедност, џандарот над џандарите, баш на овој криминалецов најде да му ја префрли фирмава? Сево ова ме наведува дека вие сте прилично криминален ум, имате и семејна историја на правосилно осудени роднини по права линија“, кажа Апасиев од собраниската говорница.

    Потоа кажа за непотизмот откако е министер за внатрешни работи и обвини дека до куче и маче што имаат вмровците по дома, мора да се вработи во државно.

    „Роднините ваши Крунислав и Благојче од Велес си ги унапредивте, баџанакот ваш стана доцент на Факултетот за безбедност, извиси најдобар студент на генерација. После, премиерот се чуди зошто бегаат оттука младите. Бегаат од наместени конкурси оти мора вие до кучето и мачето се да си вдомите по државни институции“, рече велешанецот Апасиев.

    Потоа го критикуваше за тоа како го раководи МВР во регуларните две години министер. Почна со Кочани и кажа дека Тошковски има „образ ѓон“, зашто не си поднесе оставка од морални причини, а го потсети и дека тврдеше не е криво МВР, а испадна дека има три групи обвинети полицајци. Потоа покажа слики како дел од тие полицајци славеле роденден со Мицкоски и седеле по штабовите на ВМРО-ДПМНЕ. Му наведе и за криминалното однесување на дел од обезбедувањето на Мицкоски (некој од нив, рече, продава информации од тајни истраги, друг претепува сопруга и врши семејно насилство).

    Го обвини дека им дозволува на приватни агенции за обезбедување да хараат и рекетираат, при толкав број на полицајци во МВР по глава на жител, што е за 40 проценти над европскиот просек (340 полицајци во Европа на 100.000 жители, а ние 560 полицајци на 100.000 жители).

    „И пак овие јавни објекти ги обезбедуваат приватни агенции. За кој ѓавол ни се полицајците? За да шетаат по кладилници?“, критикуваше Апасиев.

    Критикуваше за слаба ефикасност на полицијата, па прочита билтен со насилство од последните три дена, со повредени лица и малолетници.

    Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека сето ова не го доживува како закана, туку како потврда дека работата дава резултати.

    „Не се напаѓа оној што не работи. Не се троши толкава енергија на оној што ништо не менува. Толкава сила се крева само против оној што менува нешто, а во случајов менува токму таму каде што нив најмногу ги боли”, беше одговорот на сериозните обвинувања искажани од подносителот на интерпелацијата Апасиев.

    Потоа Тошковски праша како може во едно поглавје да биде наречен „вмровски војник” кој создал партиска полиција, во следното, наводно да склучил „дил” со ДУИ за да го заштити Артан Груби, во трето да ги штити луѓето на коалициските партнери.

    „Одлучете се, господа. Дали сум војник на едните или адвокат на другите? Кога ќе обвините некого дека ги штити баш сите, тогаш не сте напишале интерпелација, туку сте напишале манипулативен текст што самиот се побива уште на втората страница”, рече Тошковски.

    За обвинувањата од целата опозиција, пак, дека фалеше уште црвен тепих да му постеле на бегалецот Груби кога се предаде на граница, Тошковски кажа дека МВР поднесе пријава, тој побегна, а кога се врати, беше приведен и изведен пред судија на претходна постапка.

    „За него постоеја определени оперативни безбедносни сознанија и полицијата е должна тие сознанија да ги сподели со обвинителот, а не да ги сокрие. Каков притвор ќе му се определи, одлучуваат обвинителството и судот. Не јас”, кажа министерот.

    На острите напади за покажаниот неморал, односно затоа што не си поднесе оставка по катастрофалниот пожар во небезбедната и импровизирана дискотека „Пулс“ во Кочани со 63 жртви, младинци и деца, Тошковски одговори: „Бидете пристојни“.

    „Има едно место во овој документ каде политиката мора да застане. Шеесет и три млади животи, 63 семејства на кои светот им се сруши за една ноќ. Јас нивната болка нема да ја претворам во политички поен. И ве молам сите во оваа сала, имајте барем малку пристојност и емпатија и вие да не го правите тоа. Има над 40 осомничени, случајот е во судска постапка,  секој за кого постојат докази ќе си одговара. Во седум години, имаше три големи трагедии и над 70 загубени животи. За сите нив, ниту една кривична пријава. Затоа, поштедете ме од лекции за одговорност”, пресмета Тошковски.

    Во однос на насилството врз жените и децата, тој рече дека зад секој случај стојат човечки судбини и дека нема да води политика и оти во еден од случаите, внатрешната контрола утврди пропусти кај голем број полициски службеници и беше поднесена иницијатива за нивна одговорност.

    Во врска со заканите со сексуално насилство упатени кон млада советничка од Левица, Тошковски ги осуди.

    Завршува листата на пријавени говорници, наскоро ќе се гласа за довербата на Тошковски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира