ОД 20 ЈАНУАРИ ЌЕ СЕ ТЕСТИРААТ КАМЕРИТЕ ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“, КРСТОСНИЦИТЕ КАДЕ ШТО ЌЕ СЕ РАБОТИ ЌЕ БИДАТ БЛОКИРАНИ

    ОД 20 ЈАНУАРИ ЌЕ СЕ ТЕСТИРААТ КАМЕРИТЕ ОД „БЕЗБЕДЕН ГРАД“, КРСТОСНИЦИТЕ КАДЕ ШТО ЌЕ СЕ РАБОТИ ЌЕ БИДАТ БЛОКИРАНИПроектот „Безбеден град“ ќе стартува од 1 февруари.(Фото: К.Попов)

    Од 20 јануари ќе се тестираат камерите од проектот „Безбеден град“. Додека се тестираат камерите крстосниците каде ќе се работи ќе бидат блокирани и возилата ќе се пренасочуваат по други улици.

    „Тестирањата ќе се реализираат секој ден во периодот од 8 до 20:00 часот. За време на спроведувањето на овие активности, возилата на локациите каде што се врши тестирањето нема да бидат пропуштани додека трае постапката. Во првата недела од предвидениот период, активностите ќе се спроведуваат исклучиво на локациите со поставени камери на подрачјето на град Скопје“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

    Од таму ги повикуваме граѓаните и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат привремените ограничувања, како и да покажат разбирање, трпение и соработка со цел непречено и безбедно реализирање на планираните активности.

    Проектот „Безбеден град“ ќе стартува од 1 февруари. Системот ќе функционира со фиксни камери, кои ќе регистрираат брзина на движење, поминување на црвено светло и нерегистрирани возила, а ќе биде дополнет и со специјализирани полициски возила опремени со уреди за снимање, кои ќе се движат низ градовите и ќе документираат непрописно паркирање и други прекршоци. Сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе можат да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

    На 1 декември, во првите 12 часа од пробното снимање на улиците беа регистрирани 65.000 сообраќајни прекршоци, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од нив, за поминување на црвено светло се 2.800 прекршоци, а нерегистриран автомобил возел 1.000 граѓани.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира