Владината програма за одбележување на 35-годишнината од независноста на Македонија чинела вкупно 5,54 милиони евра (340.509.749 денари), соопшти портпаролката на Владата Марија Митева, презентирајќи го извештајот доставен од компанијата задолжена за реализација на активностите. Како што кажа таа, документот има 81 страница и ги опфаќа програмската концепција, продукцијата, логистиката, ангажираните уметници и соработници, како и финансиската рамка за реализираните 18 настани во 13 градови.
Според финансискиот извештај, најголема сума е издвоена за хонорари за артисти и изведувачи, во износ од 2,1 милион евра (129.307.500 денари). За продукциските потреби се прикажани 1,56 милиони евра (96.272.512 денари), за логистички трошоци биле потрошени 951 илјада евра (58.527.037 денари), а за хонорари за соработници се исплатени 871 илјада евра (53.570.250 денари). Најмалку средства биле наменети за маркетинг, за кој се прикажани 46 илјади евра (2.832.450 денари).
Митева рече дека основна определба на програмата била македонските уметници да имаат централно место во одбележувањето. Како еден од најобемните сегменти беше наведен музичко-сценскиот караван Силно светнал ден, реализиран во копродукција со ОХО, кој помина низ 11 градови: Охрид, Битола, Велес, Крушево, Куманово, Штип, Прилеп, Кичево, Кавадарци, Пробиштип и Скопје. На овој проект, кој вклучуваше ЛЕД-под на сцената, беа ангажирани 41 македонски вокален изведувач, 20 танчери, актери и оркестар од 15 музичари.
Вториот голем сегмент беше настанот одржан на 1 септември, составен од настап на десет домашни изведувачи во делот „Macedonian All Stars“ и настап на светскиот тенор Хозе Карерас во придружба на Македонската филхармонија под диригентство на Давид Хименез.
Манифестацијата беше отворена со настап на светски познатиот диџеј Стив Аоки, додека во Струмица настапија Пол ван Дајк и Пол Окенфолд. Во рамките на програмата „Најдоброто од Македонија“ беа организирани три концерти во Струмица, Скопје и Тетово, на кои настапија Мизар, Синтезис, Меморија, Суперхикс, Слаткаристика, Два Бона, Фанк Шуи, Дина Јашари, Каролина Гочева и Елита 5.
Централниот настан се одржа на 8 септември на Националната арена Тодор Проески во Скопје со настапот на Дејвид Гета и продукцијата „The Monolith Show“, изведена со ЛЕД-екран со должина од 32 метри и светлосни ефекти. Според извештајот, овој концерт привлекол околу 50.000 посетители.
На презентацијата на извештајот на прес-конференција во Владата зборуваше и Александар Климовски, директорот на Државна лотарија, од каде што беше покриен најголем дел од трошоците за одбележувањето.



