ОДБИЕНА ЖАЛБАТА НА МИЈАЛКОВ, ОСТАНУВА ВО ПРИТВОР ЗА „ИМПЕРИЈА“

    ОДБИЕНА ЖАЛБАТА НА МИЈАЛКОВ, ОСТАНУВА ВО ПРИТВОР ЗА „ИМПЕРИЈА“Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков на 1 декември беше донесен од затворот во Шутка за судењето за „Трезор“ за набавка на опрема за следење од Британија, уште еден предмет на СЈО во кој тој е еден од обвинетите. (Фото: К. Попов)

    Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 ја одби жалбата на Сашо Мијалков и ја потврди одлуката на судија на претходна постапка да му одреди 30 дена притвор како осомничен во истрагата на СЈО „Империја“.

    „По произнесување на странките како и ценење на фактите и доказите во жалбата, советот донесе решение со кое ја одби жалбата и го потврди решението на судија на претходна постапка, на начин што определи мерката притвор да продолжи да опстојува поради постоење на причините предвидени во член 165 ст. 1 т. 1 од ЗКП“, соопшти попладнево судот.

    Мијалков од судија на претходна постапка доби на 2 декември втора мерка притвор во траење од 30 дена. Првата, како за обвинет во „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување, му е укината, а втората како за осомничен во истрагата на СЈО „Империја“. По барање на СЈО втората мерка притвор му е поради опасност за влијание врз сведоците и опасност од бегство.

    За „Империја“ во притвор се неговиот кумашин Орце Камчев, газдата на „Пелистерка“ Цветан Панделески и уште тројца блиски соработници на семејството Камчеви.

    Осомничените во „Империја“, според СЈО, испрале најмалку 10,5 милиони евра. Засега, истрагата на СЈО опфаќа 13 луѓе и мрежа на фирми, но специјалната обвинителка Катица Јанева најави дека истрагата се проширува.

    Осомничените во „Империја“ испрале 8 милиони евра пари од Македонија и 2,5 милиони од странство, преку офшор компании, покажаа првичните истраги на СЈО. Со тоа го оштетиле Буџетот на Македонија за речиси 6,3 милиони евра. Но, ова се само почетните суми, истрагата се проширува и на други лица и фирми, а веројатно ќе има и други кривични дела, рекоа од СЈО.

    Веќе им е замрзнат имотот на осомничените во случајот „Империја“. Исто така привремено се забранети финансиски трансакции на фирмите кои се сомничат и судот им наложил на повеќе банки да го запрат одливот на пари од сметките на фирмите.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира