ОДГОВОРНОСТ ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО МОРА ДА ИМА, НО БЕЗ РЕВАНШИЗАМ, „ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА“ НЕ СЕ ТЕРОРИСТИ, РЕЧЕ ИВАНОВ

    ОДГОВОРНОСТ ЗА НАПАДОТ НА СОБРАНИЕТО МОРА ДА ИМА, НО БЕЗ РЕВАНШИЗАМ, „ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА“ НЕ СЕ ТЕРОРИСТИ, РЕЧЕ ИВАНОВПретседателот Ѓорге Иванов вечерва имаше вонредно обраќање, откако МВР по налог на Основното јавно обвинителство за организран криминал и корупција приведе 36 лица за организираниот напад на Собранието од 27 април поради основани сомненија за тероризам (Фото: СДК.МК)

    Претседателот Ѓорге Иванов рече дека мора да има одговорност за организираниот напад на Собранието на 27 април годинава, но дека при тоа мора да се почитуваат човековите права и презумцијата на невиност, во вечерашното вонредно обраќање.  Иванов повтори дека цело време ја поддржува иницијативата „За заедничка Македонија“, која, како што рече, е „сочинета од граѓани кои се сплотиле зад идејата за заштита на државата“. Тој истакна дека овие граѓани не може да бидат третирани како терористи.

    Иванов рече дека секојдневно добива информации за политички и партиски реваншизам и оти е загрижен поради ваквата појава, која води кон создавање тензии и нестабилност. Тој повика дека во следниот период, кога треба да се исполнат неопходните реформи, потребен е национален консензус и дијалог за исполнување на реформите.

    „Со реваншизам се поларизира состојбата во општеството. Ги повикувам надлежните институции да ги почитуваат Уставот и правниот поредокот на Македонија“, рече Иванов и додаде дека „нема ништо потрагично и поопасно од меѓумакедонски судир“, истакнувајќи дека низ историјата, секогаш во такви моменти ни било нанесувано зло.

    Обраќањето на Иванов доаѓа откако МВР, по налог на Основното јавно обвинителство за организран криминал и корупција, денеска приведе 36 лица за организираниот напад на Собранието од 27 април годинава поради основани сомненија за тероризам, меѓу кои и пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчулоски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, како и дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски – Бетмен. Распитот во Кривичниот суд се уште е во тек, а обвинителството побара притвор за сите 36 приведени.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира