Македонија го одложи вакцинирањето на новороденчиња со вакцината БСЖ, откако Хрватска ја прекина имунизацијата поради несакани реакции. Станува збор за вакцината произведена од бугарската компанија „Бул Био НЦИПД“ од Софија. Од Министертсвото за здравство велат дека станува збор за ист производител, па веднаш е контактирана Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) и се побарани информации за сериите на вакцини што се користат во нашата држава.
„Комисијата за имунизација донесе заклучок за времено одложување на имунизацијата со оваа вакцина до добивање комплетни информации во однос на сериите, нивниот квалитет и асоцираноста со појавата на несакани реакции. Потенцираме дека имунизацијата со оваа вакцина во нашата држава е задолжителна имајќи предвид дека земјата е со висок ризик од туберкулоза“, велат од Министерството за здравство.
Од Министерството велат дека во моментот на Институтот за туберкулоза (ТБЦ) има 95 пациенти со туберкулоза од кои 83 се од годинава, а во Детската болница Козле во 2025 се евидентирани 15 заразени, а во 2026 се евидентирани 12 нови болни деца.
„Во изминатите десет години до МАЛМЕД е пристигната само една пријава за сомнеж на несакана реакција од БСЖ вакцина (во август 2022 година), која се однесувала на појава на апцес на местото на апликација на вакцината, што како реакција е опишано во упатството за употреба на вакцината“, додаваат од Министерството.
Хрватска претходно го прекина вакцинирањето на новороденчињата со вакцината БСЖ произведена од бугарската компанија „Бул Био НЦИПД“ од Софија. На барање на Агенцијата за лекови и медицински помагала (ХАЛМЕД), Хрватска ги суспендираше дистрибуцијата и употребата на сите серии од наведениот лек поради сомневање во неисправност во квалитетот, што беше утврден по следењето на извештаите за сомнителни несакани ефекти.
„Мерката за суспендирање на вакцината ќе биде во сила до завршувањето на истрагата“, соопшти ХАЛМЕД.



