ОДЛУКАТА НА ВЛАДАТА ЗА НОВИ СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ Е ЛИХВАРСКА И НЕМА ДА ГИ ЗАДРЖИ МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ, РЕАГИРА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА СПЕЦИЈАЛИЗАНТИ И МЛАДИ ЛЕКАРИ

    ОДЛУКАТА НА ВЛАДАТА ЗА НОВИ СПЕЦИЈАЛИЗАЦИИ Е ЛИХВАРСКА И НЕМА ДА ГИ ЗАДРЖИ МЛАДИТЕ ЛЕКАРИ, РЕАГИРА АСОЦИЈАЦИЈАТА НА СПЕЦИЈАЛИЗАНТИ И МЛАДИ ЛЕКАРИОд средбата на специјализантите и младите лекари со министерот за здравство Венко Филипче на 21 февруари 2019 (Фото: Министерство за здравство)

    Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари реагира по вчерашната одлука на владата да се одобрат над илјада специјализации и супспецијализации по стариот закон и вели дека со тоа се продолжува лихварскиот однос кој го воспостави претходната власт. Ненад Лазаров од Асоцијацијата, за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека со одобрените нови специјализации нема ништо суштински да се промени, бидејќи и натаму важат истите правила за специјализација кои важеа од претходно.

    „Бараме да се регулираат платата и стажот, а сега се распишуваат специјализации по стариот закон, според кој државата ја плаќа специјализацијата, но пак стои обврската неколку пати подолго да се остане во јавно здравство од времето колку што трае специјализацијата, како и сите стари правила од времето на претходната власт. Ова покажува само колку луѓе ни фалат. Ако претходно за една специјализација конкурираа по десетина лекари, сега на десетина специјализации се јавува по еден. Ова нема да ги задржи младите да не си заминат од државата“, вели Лазаров.

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека новите специјализации воопшто нема да бидат како тие од претходно и дека не станува збор за популистичка мерка. Тој рече дека наскоро ќе ги донесат законските измени со кои ќе се олeснат условите за специјализација.

    „Воопшто не станува збор за лихварски однос. Со законски измени значајно ќе се намалат сумите што ќе ги враќаат ако предвреме заминат од јавната здравстена установа (ЈЗУ). Ќе се намали и времето што треба да го поминат во ЈЗУ по специјализацијата, но и ние мора да се заштитиме. Со новото законско решение ќе бараме начин ова да важи и за оние што веќе имаат запишано специјализација по стариот закон, да можат анекс-договори да потпишат“, вели Филипче.

    „Владата на вчерашната седница ја одобри програмата предлог-програмата за потребите од специјалистички и супспецијалистички кадар, согласно мрежата на здравствените установи, со која се одобрени 931 специјализација и 130 супспецијализација за оваа година и наредните три години. Најмногу специјализации се одобрени за оваа година, и дека во оваа бројка влегуваат и новопримените доктори“, велат од Министерството за здравство.

    Од Министерството велат дека во годинешната бројка влегуваат и новопримените доктори кои треба да специјализираат. Јавните здравствени установи, како што појаснуваат од Министерството, согласно Законот за здравствена заштита треба да обезбедат дополнителни финансиски средства за спроведување на специјализациите и супспецијализациите, кои ќе ги уплаќаат сукцесивно, по семестри.

     

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира