Според текстот на вториот нацрт амандман на Уставот, усвоен од Владата согласно Договорот од Преспа и заклучоците на Собранието, во Преамбулата на Уставот се заменуваат зборовите „одлуките на АСНОМ“ со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“. Тоа, како што кажа премиерот Зоран Заев, се прави за да се избегнат проблеми во иднина со Грција. Во манифестот се повикува на обединување на Македонците под Бугарија и Грција и бришење на границите кои разделиле брат од брат.
„Заради тоа што би предизвикало одредени проблеми тоа ако остане во одредени можни идни времиња на соработката помеѓу Македонија и Грција. Зошто е тоа така? Дел од одлуките на АСНОМ велат Македонци од Грција и Бугарија обединете се. Тоа не е пријателство. Прогласот го нема тој дел“, кажа Заев на вчерашната прес-конференција во Владата.
Делот од Манифестот на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ, кој е спорен за Грција:
Македонци под Бугарија и Грција,
Обидението на целиот македонски народ зависи од вашето участие во гигантскиот антифашистички фронт. Само со борба против подлиот фашиски окупатор ќе го спечалите правото на самоопределуење и обединение на целиот македонски народ под покровот на Титова Југославија, која стана слободна заедница на слободни и равноправни народи. Нека борбата на македонскиот пиемонт ве одушеви за посмела борба против фашискиот поробувач! Нека патот на овој дел на Македонија стане и ваш пат, оти само тој води кон слободата и обидението на целиот македонски народ! Нека вашето участие во свеопштата антифашиска борба им даде живот на принципите прокламирани на првото македонско Народно Собрание и нека ги збрише искуствените граници који разделија брат од брат, Македонец од Македонец.
Ова е целиот текст на Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ:
Удрени се темелите на македонската федерална држава во нова демократска и федеративна Југославија На 2 август 1944 година – Илинден – се свика првото историско Антифашиско собрание на народното ослободуење на Македонија – АСНОМ. 122 полноправни представители, синови и ќерки на македонскиот народ, испитани низ маките и искушенијата на Народно-ослободителната борба, собрани на своето прво заседание во манастирот “Св.Прохор Пчински“, во присаствие на делегатите: од Врховниот Штаб на Маршал Тито, војните сојузнички мисии и на Главниот штаб на Србија, ја изразија суверената воља на својот народ и ги донесоја следните решенија:
Македонија ја прогласи за федерална држава, во нова демократска федеративна Југославија. Народното собрание се конституира во врховно законодателно и исполнително представителство на македонската федерална држава.
Се донесе декларација, со која се гарантира слобода и равноправност на секој граѓанин и граѓанка во Македонија, без разлика на вера, националност и политичка припадност, право на секој граѓанин и граѓанка над 18 години да избира и да биде избран, слобода на совеста и вероисповеданието, право на бесплатна просвета, итн.
Се формира Президиум на АСНОМ со функции на привремено народно представителство на македонската федерална држава.
Македонскиот народен јазик се воведува како службен јазик.
Илинден, 2 август, се прогласува за народен и државен празник во Македонија.
Се формира комисија за испитување војните злодејствија, направени од окупаторите и нивните слуги.
Се формира комисија за изработување законски проекти на македонската федерална држава.
Се избраја 40 представители на македонскиот народ за Антифашиското веќе на народното ослободување на Југославија и неговиот Президиум.
Македонски народе!
Со овија основни историски решенија се удрени темелите на македонската федерална држава. Това се први плодови на твојата тригодишна народно-ослободителна борба, това се првите плодови на братството и единството со другите народи на Југославија. Овија плодови претставуваат остварување на вековните идеали на нашиот народ.
Македонски народе!
Антифашиското собрание на народното ослободување на Македонија е одржано во најжестокиот бој во оваја војна, кога се кинат фашиските синџири, кога геројската Црвена армија настапува кон Берлин, а мошните сојузнички армији настапуваат од запад и југ на Париз и Германија, кога нашата јуначка Народно-ослободителна војска на Југославија навлегува во последен бој со фашиските окупатори. Во оган и крв на развихрената и решавашта битка, во зората на победата, македонскиот народ преку своето Антифашистко народно собрание си ја кажа думата за својата судба.
Фашиските окупатори и нивните слуги се пред пропаст, ами ги превземаат сите мерки како би го одложиле своето пропаѓање. Оние изнајдуваат нови трикови, како би го задржали македонскиот народ мирно да (го) поднесува фашискиот јарем. Ванчо Михајлов и неговата група издајници и крвници на македонскиот народ готват платени банди да по истеглувањето на бугарските фашиски војски ја завладејат Македонија за сметка на Хитлер или некој друг господар. Од друга страна, това исто се готви и од најголемиот издајник и слуга на Хитлера Милан Недиќ, кој се токми да умаршува во Македонија и да го обнови големосрпското ропство.
Македонски народе! Родољуби и родољубки!
Слободата е на прагот! Темелите на нашата федерална држава се удрени! Ама баш није сите треба да бидеме на штрек. Сега баш треба да се прибериме сите во Народно-ослободителниот фронт на Македонија во нашата Народно-ослободителна војска, за да (ги) сачуваме придобивките на досегашната борба. Краен е час за секој еден Македонец да го отфрли секое колебание и тргне во последен бој за слобода на нашиот вековно поробен народ.
Во името на новата македонска држава, во името на нејното изградување, ние ви викаме:
Уште повеќе зацврснете го единството на целокупниот македонски народ преку Народно-ослободителниот фронт на Македонија – единството, кое ти овозможи создавање на македонската држава, единството, које ќе ти ја сочува таја држава!
Стани целиот на воражено востание и навлези во својата Народно-ослободителна војска на Македонија, војската која ти создаде држава и која ќе знае да ти ја сочува! Разрасни ги што по скоро своите бригади во мошни дивизии и корпуси!
Уште посилно пристапите кон формирањето на народно-ослободителните одбори, органите на новата народно-демократска власт, преко која треба да се соберете за изградувањето на новата македонска држава!
ДА Е ЖИВА СЛОБОДНА МАКЕДОНИЈА ВО ДЕМОКРАТСКА И ФЕДЕРАТИВНА ЈУГОСЛАВИЈА!
ДА Е ЖИВО АНТИФАШИСКОТО СОБРАНИЕ НА НАРОДНОТО ОСЛОБОДУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА.
ПРЕЗИДИУМ НА АНТИФАШИСКОТО СОБРАНИЕ НА НАРОДНОТО ОСЛОБОДУВАЊЕ НА МАКЕДОНИЈА
Со уставните измени, Преамбулата на Уставот би гласела:
Граѓаните на Република Северна Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Северна Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на сè што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Северна Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Северна Македонија – во согласност со традицијата на Крушевската Република и Прогласот од Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година и на Охридскиот рамковен договор, ја конституираат Република Северна Македонија како самостојна, суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Северна Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат овој Устав на Република Северна Македонија.