ОДМОРИТЕ НЕ СЕ ОДРАЗУВААТ НА ИСТРАГАТА „РЕКЕТ“, СЕ ЈАВИЈА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТО

    ОДМОРИТЕ НЕ СЕ ОДРАЗУВААТ НА ИСТРАГАТА „РЕКЕТ“, СЕ ЈАВИЈА ОД ОБВИНИТЕЛСТВОТООбвинителите Вилма Рускоска и Љубомир Јовески на прес-конференцијата за случајот „Рекет“ на 15 јули. (Фото: К. Попов)

    Јавно обвинителство вели дека годишните одмори не се одразуваат на водењето на истрагата „Рекет“, во врска со која вчера и денеска италијанскиот весник „Ла Верита“ објави видео и аудиоснимки, кои се и доказен материјал во постапката. На годишен одмор се Јавниот обвинител Љубомир Јовески и шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска.

    „Годишните одмори не се одразуваат на водењето на истрагата. Во периодот кога дел од јавните обвинители користат годишен одмор назначени се обвинители кои ги заменуваат, како и истражители кои секојдневно активно работат на предметот. Функцијата на јавното обвинителство се извршува непречено“, соопштија од Јавното обвинителство.

    Оттаму велат дека објавените снимки не се добиени од обвинителството и потврдуваат дека станува збор за аудио и видеоснимки кои се дел од доказната постапка во предметот и кои до јавното обвинителство беа доставени од сведок во предметот.

    „Јавното обвинителство во предметот постапува професионално и неселективно. Притоа се проверуваат сите индиции и сите аспекти. Истражната постапка е во тек и јавниот обвинител презема истражни дејствија за да се обезбедат доказите и да се утврди фактичката состојба според подготвен план кој обезбедува целосно истражување на случајот. Доколку во текот на истрагата бидат утврдени елементи на други кривични дела или други сторители, постапката ќе биде проширена, а јавноста за тоа веднаш ќе биде известена. По целосно завршување на истрагата ќе биде донесена јавнообвинителска одлука“, додаваат од Јавното обвинителство.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира