ОДЗИВОТ ОД ТЕРЕНСКАТА ВАКЦИНАЦИЈА ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ ВО СКОПСКИТЕ ШКОЛИ Е СЛАБ ОТИ НЕ ДОАЃААТ РОДИТЕЛИТЕ, ДОСЕГА ВАКЦИНИРАНИ НАД 20.000 ДЕЦА

    ОДЗИВОТ ОД ТЕРЕНСКАТА ВАКЦИНАЦИЈА ЗА МАЛИ СИПАНИЦИ ВО СКОПСКИТЕ ШКОЛИ Е СЛАБ ОТИ НЕ ДОАЃААТ РОДИТЕЛИТЕ, ДОСЕГА ВАКЦИНИРАНИ НАД 20.000 ДЕЦАЕкипите од Здравствен дом Велес теренска вакцинација прават и во домовите на невакцинираните деца (Фото: СДК.МК)

    Теренската вакцинација на децата со вакцината МРП (морбили, рубеола, паротит) во основните училишта во Скопје која почна вчера е со слаб одзив, вели директорот на Здравствен дом „Скопје“ Злате Мехмедовиќ. Тој вели дека од вчерашната посета на вакциналните тимови во 11 основни училишта биле вакцинирани само 10 отсто од предвидениот број.

    „Одбивање немаше, но договорот со Министерство за здравство беше дека треба да се врши во присуство на родител. Од невакцинирани 50 деца во едно училиште, дојдоа околу 3-4 родители. Денес на ред ни се 12 училишта каде треба да се вакцинираат децата. За разлика од минатиот пат кога имаше опструкции во училиштата, сега тимовите слободно влегуваат, но одзивот е слаб. Денес ќе видиме како ќе се одвива вакцинацијата, но сметаме дека Скопје е генерално покриено со вакцинирани деца, со оглед на тоа дека од почетокот на епидемијата во Скопје вакцинирани се над 12.000 деца“, вели Мехмедовиќ.

    Теренска вакцинација со вакцината за мали сипаници беше најавена минатата недела, откако беше прогласена епидемија во целата држава, како една од мерките да се стави крај на ширење на болеста, која може да остави тешки последици по здравјето. Од почетокот на епидемијата во Скопје, која беше прогласена на почетокот на годината, од компликации од мали сипаници починаа три деца, кои поради возраста и здравствената состојба не можеле да бидат вакцинирани.

    Освен децата, една од препораките од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство беше да се вакцинираат сите на возраст над 14 години, како и здравствените работници, со оглед дека во последно време меѓу заболените има се повеќе возрасни, кои илои не се вакцинирани или се нецелосно вакцинирани.

    Од Центарот за јавно здравје велат дека кај нив одзивот за вакцинација со МРП вакцината е добар.

    „Имаме од сите возрасти, и здравствени работници и студенти“, вели д-р Билјана Даниловска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје.

    На Клиниката за инфективни болести од мали сипаници се лекуваат 35 болни, од кои 14 деца и 21 возрасен.

    „Освен 16-годишното дете кое е на механичка вентилација и со тешка бронхопневмонија, во потешка состојба се уште две деца и двајца возрасни. Во последните 24 часа на Клиниката се прегледани 4 пациенти, меѓи кои две деца, едното на 4 месечна возраст, другото на 8 месечна возраст и двајца возрасни“, вели директорката на Клиниката за инфективни болести Милена Стевановиќ.

    Во Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле од мали сипаници се лекуваат 8 деца, кои се во стабилна состојба. На Клиниката за детски болести во потешка состојба е едно дете, а хоспитализрани се десетина други со мали сипаници.

    Според податоците од Институтот за јавно здравје, во Скопје до 14-годишна возраст вакцинирани се 12.468 деца од 16.361 невакцинирани дете. Во останатите Центри за јавно здравје низ целата држава вакцинирани се 7.776 деца од 26.495 невакцинирани деца.

    „Само со стапка на вакцинација на над 95%, ќе обезбедиме колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширењето на вирусот меѓу популацијата. Сите деца кои се невакцинирани за да се заштитат од можни компликации треба веднаш да се вакцинираат“, вели епидемиологот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје и член на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира