Дваесет македонски државјани досега се евакуирани од Израел по вчерашните напади на Хамас. Како што информираат од Министерството за надворешни работи, бројни македонски граѓани се пријавиле на телефоните во Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив и СОС телефоните во централата и побарале асистенција за нивна евакуација.
„Од пријавените граѓани, деветмина туристи кои доаѓаат од Велес и кои во комуникација со нашите колеги од Албанија беа прифатени во специјалниот лет на владата на Албанија за евакуација од Тел Авив, наскоро треба да слетаат во Тирана, од каде што претставници од нашата амбасада ќе ги префрлат со организиран транспорт до дома. Претходно, седуммина македонски државјани, туристи кои беа затечени во Витлеем, успешно ја поминаа границата со Јордан, каде што беа прифатени од нашата почесна конзулка и сега се на безбедно. Во наредните денови се очекува нивно упатување кон дома. Утрово, четиричлено семејство затекнато во Тел Авив преку комерцијален лет се упати кон Истанбул, од каде исто ќе го продолжи патувањето кон дома“, велат од МНР.
Амбасадата во Тел Авив останува во контакт со сите останати македонски државјани кои се имаат пријавено и побарале асистенција при нивното напуштање на Израел. Меѓу нив се и 11 градежни работници кои се затечени во Рамала на Западен Брег.
Министерството за надворешни работи, преку Кризниот штаб и дипломатско-конзуларната мрежа, воспостави директна комуникација и координација со земјите од Блиски исток и Југоисточна Европа, со цел искористување на сите расположливи летови за враќање на нашите државјани, за што е пратена и итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Република Северна Македонија во двата региона.
„Според проценки на Кризниот штаб, на територијата на Израел престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, кои очекуваме да се пријават или да бидат пријавени од нивните блиски во нашите контакт центри. За повеќе информации, на располагање се СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/273-732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378“, додаваат од Министерството.
Од МНР ги повикуваат нашите граѓани кои во моментов се во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти на Израел и да се пријават во амбасадата во Тел Авив или на дежурните телефони во централата во Скопје.