ОМО „ИЛИНДЕН“ МУ КАЖА НА ПЕНДАРОВСКИ ДЕКА Е ЗА ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО И ТОЛЕРАНЦИЈА, А ТОЈ ДЕКА ПОЧНУВА НОВА ФАЗА СО БУГАРИЈА, НО ЗА ПРАШАЊЕТО ЌЕ ЗБОРИ СО РАДЕВ

    ОМО „ИЛИНДЕН“ МУ КАЖА НА ПЕНДАРОВСКИ ДЕКА Е ЗА ГРАЃАНСКО ОПШТЕСТВО И ТОЛЕРАНЦИЈА, А ТОЈ ДЕКА ПОЧНУВА НОВА ФАЗА СО БУГАРИЈА, НО ЗА ПРАШАЊЕТО ЌЕ ЗБОРИ СО РАДЕВПретседателот Пендаровски кажал дека Македонија е насочена кон развивање на добрососедски и пријателски односи со Бугарија, во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017. (Фото: Претседател на РСМ)

    Долгонајавуваната средба на претседателот на Македонија Стево Пендаровски со претставници на ОМО „Илинден“, но и на други здруженија на граѓани од Република Бугарија која се одлагаше поради пандемијата со коронавирус, се одржа денеска во претседателската резиденција.

    Пендаровски на Македонците од Бугарија откако ги сослушал, им укажал дека почнуваат поинакви односи со Бугарија, но дека со нејзиниот претседател сепак ќе зборува за македонското малцинство, негирано во соседната земја.

    „Претставниците на здруженијата го информираа претседателот Пендаровски за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество. Во однос на дијалогот со Бугарија, претседателот Пендаровски оцени дека почнува нова фаза, а двете страни искажуваат волја во насока на напредок на процесот. Претседателот Пендаровски смета дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде свој придонес за решавање на отворените прашања. На средбата претседателот Пендаровски информираше дека наскоро ќе оствари официјална посета на Република Бугарија, каде ќе има разговори со претседателот Румен Радев“, соопшти кабинетот на Пендаровски.

    Претседателот Пендаровски истакнал дека Македонија е насочена кон развивање на добрососедски и пријателски односи со Република Бугарија, во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година.

    За време на дводневната официјална посета на Република Бугарија, премиерот Димитар Ковачевски беше многу прашуван од македонските новинари за прашањето за македонското малцинство таму, реципрочно на прашањето на бугарското малцинство овде, за кое се работи на случајот да се „вдоми“ во Уставот, раме до раме со Албанците, Србите, Власите, Ромите,Турците, Бошњаците.

    Тогаш Ковачевски кажа какви се приликите и дека во такви прилики Бугарија е членка на ЕУ, а ние и со еднаквост на сите граѓани пред Уставот и законите, не сме.

    Тој кажа дека со Бугарија имаме два различни система дефинирани секој во својот Устав.

    „Во Македонија секој граѓанин има право на заштита пред институциите и пред законите и Уставот. Со тоа, кај нас поединечните права се остваруваат во рамки на колективните права, за разлика од Бугарија и Франција на пример, каде остварувањето на индивидуалните права е упатено пред Судот во Стразбур и други тела“, ја кажа разликата премиерот Ковачевски.

    Според него, и еден случај само да има, една претставка од незадоволен припадник од бугарското малцинство кај нас, ако ја занемариме, тоа ќе направи беспотребен проблем и мистерија. Институциите треба да го решат тој проблем, да одговорат, а ние да кажеме како е решено и зошто е така одлучено, доследен е тој.

    Ковачевски при посетата потенцираше дека ние имаме уникатна заштита на малцинствата и ние сме единствената држава со министер, односно вицепремиер за политички систем и заштита на малцинствата, кое кажа, било поздравено од Владата на Бугарија.

    Бугарскиот премиер Кирил Петков, зборувајќи денеска во бугарскиот парламент за средбите со Ковачевски, уште еднаш повтори дека не постои македонско малцинство во Бугарија и нема да дозволи на таа тема да се разговара, Според него, ОМО „Илинден“ е провокација кон новиот македонски премиер Ковачевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира