Се надевам дека за месец и пол ќе почне да се дава онколошка терапија во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје, рече вчера министерот за здравство Арбен Таравари. Последен пат кога најави можно отворање на Онколошката амбуланта во оваа болница беше на 22 јули, и тогаш рече дека за еден месец би требало да почне со работа амбулантата, но акцелераторот би се ставил во функција за шест месеци.
Акцелераторот во „8 Септември“ беше промовиран за 8 Септември 2022, со тогашниот премиер Димитар Ковачевски, тогашниот министер за здравство Беким Сали и тогашниот директор на Болницата, д-р Христијан Костов. Со овој апарат, како што рекоа тие тогаш, требаше да се намали притисокот врз Клиниката за онкологија, каде дневно циркулираат над 100 пациенти.
- ЗА МЕСЕЦ ДЕНА БИ СЕ ОТВОРИЛА ОНКОЛОШКА АМБУЛАНТА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“, АКЦЕЛЕРАТОРОТ УШТЕ СЕ ИСПИТУВА ВО КАКВА СОСТОЈБА Е
- НА 8 СЕПТЕМВРИ ЛАНИ СЕ СЛИКАА СО АКЦЕЛЕРАТОР ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“, ДОЈДЕ НОВ 8 СЕПТЕМВРИ, АПАРАТОТ ЗА ОНКОЛОШКИ ПАЦИЕНТИ УШТЕ НЕ РАБОТИ
На вчерашниот настан на Здружението „Хема-онко“ пред Клиниката за радиотерапија и онкологија, Таравари кажа дека започнале со децентрализација на Клиниката и целта е да функционира како Институтот за трансфузиологија.
„Ние започнаваме со децентрализација на Онкологија. Се работи во болницата ‘8 Септември’. Одреден кадар веќе се обучува тука на Онкологија и целта ни е да направиме мрежа што ќе биде контролирана од Клиниката за онкологија. Значи во ‘8 Септември’, веќе се надевам за месец и пол ќе почне и таму да се даваат терапии, тоа ќе го промовираме. Во Тетово веќе се дава, во Битола се дава, во Штип се дава онколошка терапија. Полека-полека да започнеме со децентрализација, меѓутоа повторно да има некаква контрола од Клиниката за онкологија. Практично да функционира како Институтот за трансфузиологија. Центарот е во Скопје, меѓутоа има филијали секаде“, кажа Таравари.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) вчера објави извештај за финансиското работење на Клиниката, каде се утврдени повеќе нерегуларности, и меѓудругото наведува дека Клиниката е единствениот функционален центар на територија на државата кој дава услуги на пациенти од областа на радиотерапијата. За таа цел до денот на вршење на ревизијата во соодветни простории инсталирани се и функционални три линеарни акцелератори со кои според информациите од Клиниката се даваат услуги во просек од 180 до 200 пациенти дневно.
Од ДЗР велат дека Клиниката располага со уште два линеарни акцелератори кои не се ставени во употреба. За акцелераторот набавен во 2014, чија вкупна вредност е 2.9 милиони денари, во тек се активности кои се предуслов за ставање во употреба, при што се очекува истиот да биде функционален до крајот на 2024. Другиот акцелератор, добиен по пат на донација во 2016, чија вкупна вредност е 1.715.000 денари, се чува неотпакуван во царинско складиште за што годишно се плаќаат 189 илјади денари. Според информации добиени од одговорните лица на Клиниката, акцелераторот претходно бил користен во здравствена установа во Австралија и долго време не е во функција. Во 2024, производителот соопштил дека поради застареност на компонентите и технологијата, може да понуди само ограничена поддршка за негово одржување, без гаранции за компатибилност со новите онколошки софтвери.
Ревизорите препорачуваат дека е потребно Клиниката во координација со Министерството за здравство да ја преиспитаат состојбата и изнајдат оптимално решение за начин на постапување со овој апарат во наредниот период како и да се разгледаат можностите за понатамошно одложување на апаратот на начин кој нема да предизвикува дополнителни трошоци на Клиниката.
Заводот за ревизија потенцира дека континуираниот пораст на бројот на пациенти, меѓу другото се должи и на тоа што, речиси сите пациенти на кои им се потребни здравствени услуги од областа на радиотерапијата и онкологијата бараат услуги на Клиниката. За оваа состојба Клиниката го информирала Министерството за здравство во кое наведува дека на ниво на држава има уште 4 јавни здравстени установи во кои онколошките одделенија не се функционални во целост, а дел располагаат и со акцелератори кои не се користат.
„Во 2023 Клиниката располага со 35 доктори и 96 лица останат медицински персонал , кои во текот на 2023 година извршиле вкупно 104.196 здравствени услуги. Просечниот број на извршени услуги за одредени дијагностики надминува по 5 илјади прегледи годишно по специјалист, што во услови на континуиран пораст на бројот на пациенти, доведува до преоптовареност на вработените, а нивниот број е недоволен за овој обем на работа“, стои во извештајот.
Директорот на Клиниката, д-р Игор Стојковски, вчера рече скоро го добил извештајо, работат на акционен план и ќе постапат по корекција на препораките. На новинарско прашање околу вработувањата и потребата од кадар, рече дека им се потрребни околу 50 лица, како медицински сестри, лекари, медицински технолози, административен кадар и дека административната процедура е почната.
„Процесот е доста комплексен и сѐ зависи од Министерствата за здравство, за информатичко општество и администрација и за финансии“, кажа Стојковски.
Ревизорите укажуваат дека е потребно Министерството да преземе активности за ангажирање на капацитетите во оние јавни здравстени установи кои имаат услови за тоа, со што би се овозможило прифаќање на дел од зголемениот број на онколошки пациенти, особено на оние надвор од Скопје, а со тоа и дисперзирање на здравствените услуги во оваа област, намалување на големиот наплив од пациенти со кој се соочува Клиниката и подобрување на квалитетот на здравствените услуги.
Б. НЕСТОРОСКА