Левица и ВМРО-ДПМНЕ со вкупно 4.500 амандмани ги блокираа четирите закони кои уште пред Нова Година тогашниот министер за правда Никола Тупанчески ги поднесе до Собранието, а се за зголемување на платите во судството и во обвинителството. Но, и за зголемување на платите на членовите на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители.
Според пратеникот Дајанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ, инфлацијата во државата е на алармантно ниво, стопанствениците едвај даваат плати на своите вработени, кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, не е време Владата да ги зголемува платите на судиите и обвинителите. Башка, смета дека тоа е последната категорија на која треба да ѝ се покачи плата, од оправдани причини.
„Она што претходниот министер за правда Тупанчески го започна, сега новиот министер за правда во Владата го продолжува. Очигледно, ова е награда од Владата за мизерните три отсто доверба на граѓаните во судството. Ја прашуваме Владата, дали ова зголемување на платите на судиите и јавните обвинители ќе значи подобро судство, подобро обвинителство, намалување на бирократските процедури и побрзо решавање на судските спорови на граѓаните? Секако дека не. Место власта да ги засука ракавите и конечно да почне со реални и конкретни реформи во судството, мисли дека со вакви ад хок решенија ќе ги поправи своите недостатоци“, кажа пратеникот, и додаде дека опозицијата не е против покачувањето на платите на судиите и јавните обвинители.
С. К. ДЕЛЕВСКА