(За САКАМДАКАЖАМ.МК од Софија: Горан Трпеноски)
Започна средбата на македонскиот и грчкиот премиер, Зоран Заев и Алексис Ципрас, на маргините на Самитот на ЕУ-Западен Балкан во Софија.
Иако се очекува да има некакво придвижување во спорот за името, двајцата премиери во изјавите пред средбата беа воздржани за евентуален договор. Детали за што разговараат Заев и Ципрас никој од делегациите не соопштува. Неофицијално, двајцата премиери разговараат за опсегот на употреба на новото име, за меѓународна употреба или и за надвор и за внатре и за измените на Уставот.
Најавена е прес-конференција на Заев во 14 часот. Дотогаш, од двете делегации молк за тоа што разговараат Заев и Ципрас.
Заев и Ципрас се видоа и вчера на состанокот на Европските социјалисти.
Ципрас вчера на Твитер напиша дека ги информирал европските социјалисти дека се направени големи чекори во спорот за името, но дека двете земји имаат важни чекори што треба да ги направат пред да се постигне решение.
И францускиот претседател Емануел Макрон на вчерашната средба со Заев дал поддршка за решавање на спорот, и му рекол дека Македонија и Грција преземаат историска улога со големата посветеност за решавањето на спорот за името.