ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ДОПРВА ЌЕ ЈА ИСПИТУВА ПОЧВАТА КАДЕ ЌЕ СЕ ГРАДИ НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР

    ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ДОПРВА ЌЕ ЈА ИСПИТУВА ПОЧВАТА КАДЕ ЌЕ СЕ ГРАДИ НОВИОТ КЛИНИЧКИ ЦЕНТАРВладата на вчерашната седница ја прифатила информацијата за одобрување средства во висина 14,4 милиони денари или 234.264 евра од буџетот на Министерството за здравство на Општина Ѓорче Петров. - Министерот за здравство Венко Филипче на владина седница (Фото: Влада)

    Општина Ѓорче Петров допрва ќе прави геомеханички и геолошки испитувања на почвата во месноста Веле Поле каде треба да се гради новиот клинички центар.

    Владата соопшти дека на вчерашната седница ја прифатила информацијата за одобрување средства во висина 14,4 милиони денари или 234.264 евра од буџетот на Министерството за здравство на Општина Ѓорче Петров.

    „Овие средства ќе бидат наменети за изработка на урбанистичко проектни документации, основни проекти за инфраструктура и елаборат за геолошки и геомеханички својства на почвата за потребите на урбанистичкиот план вон населено место Веле Поле во Општина Ѓорче Петров“, соопшти Владата.

    Владата летово ги задолжи Министерството за финансии и Министерството за здравство да побараат средства од повеќе финансиски институции и комерцијални банки. Тогаш министерот за здравство Венко Филипче рече дека пристигнале шест понуди и дека по анализата во Министерство за финансии одбрана е понудата од конзорциумот Рајфајзен банк, ЕрстеГруп и УниКредит.

    Министерството за здравство во август распиша тендер за изградба на новиот клинички центар како гринфилд инвестиција, а министерот за здравство Венко Филипче тогаш изјави дека во постапката влегуваат проектирањето, изградбата и опремувањето, како и тренинг на вработените на новата опрема. Тогаш најавија дека изградбата ќе се одвива во три фази и дека проценетата вредност е дека новиот клинички ќе чини 500 милиони евра и дека очекува на почетокот на следната година да почне изградбата.

    Премиерот Зоран Заев минатата недела рече дека предвремените избори закажани за напролет нема да ја загрозат изградбата на клиничкиот центар, бидејќи се консултирале со правниците што може, а што не може пред избори. Тој рече дека Министерство за финансии работи на обезбедување средства за финансирање на клиничкиот центар, а дека во Министерството за здравство треба да почне дијалогот со најдобрите понудувачи. Според Заев подготвителните работи за изведба на потребната инфраструктура може да почнат уште на почетокот на следната година или на пролет.

    Филипче сега вели дека постапката за изградба на клиничкиот центар е во втора фаза и дека се одбрани понудите на две компании, едната австриска другата е француска.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари