Има бројни законски слабости кои многу вешто се користат од заинтересираните инвеститори да градат, но и од надлежните органи за да не постапуваат, а тоа овозможува и локалните власти да станат клиенти на градежниците и да не се грижат за јавниот интерес, вели Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Претседателката на Комисијата Билјана Ивановска, рече дека голем број од доставените пријави се однесуваат на злоупотреба на службената должност на институции кои како надлежност имаат да издаваат одобренија за градење.
„Активностите на локалната самоуправа во однос на уредувањето на просторот не се секогаш во насока на јавниот интерес. Дел од Општините немаат овластени инпектори, дел имаат но без соодветно образование. Влијанието и моќта на градоначалникот и Советот, поврзаноста со партиските структури и бизнис групи ги става инспекторите во состојба на клиентелизам и занемарување на јавниот интерес при извршувањето на своите надлежности, но и состојби на воспоставување на клиентелистички односи со инвеститорите“, рече Ивановска на денешната прес-конференција на Антикорупциска комисија.
Слабости има во сите сфери на урбанизмот и градежништвото. Ивановска кажа дека законите за начинот на избор на фирми кои ќе ги изработуваат урбанистичките планови од една страна ги спречуваат Општините да си ги наметнат стандардите за хумано живеење, но прават и ризик од развивање клиентилистички однос на планерот со потенцијалните инвеститори во насока на исполнување на нивните барања. Нетранспарентната постапка на донесување на Деталните урбанистички планови (ДУП) и нивната неусогласеност со Генералните урбанистички планови (ГУП) е причина за издавање на дозволи и градење на објекти со поголем гарабрит, окрупнување на парцели без решени имотно-правни односи, узурпирање приватна сопственост и слично.
„Голем дел од градоначалниците се воздржуваат од рушење на бесправно изградените објекти со образложение дека немаат доволно предвидено средства во буџетот за оваа намена“, рече Ивановска.