ОПШТИНИТЕ НЕМААТ ПАРИ ЗА ВОДА И ДА СОБИРААТ ЃУБРЕ, А ОД ПЕТОК ВО СКОПЈЕ ЌЕ ИМА БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ЗА ПЕНЗИОНЕРИ ШТО ГРАДОТ ЌЕ ГО ЧИНИ 650.000 ЕВРА

    ОПШТИНИТЕ НЕМААТ ПАРИ ЗА ВОДА И ДА СОБИРААТ ЃУБРЕ, А ОД ПЕТОК ВО СКОПЈЕ ЌЕ ИМА БЕСПЛАТЕН АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ ЗА ПЕНЗИОНЕРИ ШТО ГРАДОТ ЌЕ ГО ЧИНИ 650.000 ЕВРАДиректорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски се пожали дека претпријатието се наоѓа во тешка ситуација. (Фото: СДК.МК)

    Од петок, пензионерите во Скопје ќе се возат бесплатно во автобусите од јавниот превоз секој вторник, петок, сабота и недела. За оваа мерка од буџетот на Град Скопје се издвоени 650.000 евра и префрлени на сметка на ЈСП „Скопје“.

    Бесплатниот превоз за жени над 62 години и мажи над 64 се воведува во ситуација кога градоначалничката Данела Арсовска секојдневно се жали дека Градот и Општините немаат пари да реализираат проекти поради економската и енергетската криза. Вчера, јавните комунални претпријатија на општините најавија дека ќе прават рестрикции на вода и нема да собираат ѓубре оти немаат пари.

    Директорот на ЈСП „Скопје“ Иван Илиевски, кој денес на прес-конференција го најави стартот на бесплатниот превоз, кажа со оваа мерка ги олеснуваат трошоците на граѓаните, но се пожали дека претпријатието се наоѓа во тешка ситуација.

    „Како јавно претпријатие, се соочуваме со големи проблеми. Наследивме долгови направени со недомаќинско работење, поточно загуба од 3 милиони евра, а истовремено почнуваме да го исплаќаме кредитот за набавка на МАН автобусите. Проблем ни е и скокот на цените на нафтените деривати и природниот гас и споредено со лани трошоците ни се зголемени за 33 отсто“, рече Илиевски.

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша Илиевски зошто бесплатен превоз за пензионери кога градоначалничката Арсовска постојано се жали дека Градот нема пари, и зарем не смета дека во време на економска и енергетска криза се трошат 650.000 евра за оваа мерка наместо за поприоритетни проекти? Илиевски кусо одговори дека тоа е одлука за доброто на граѓаните.

    „ЈСП ‘Скопје’ и Град Скопје секогаш мисли на своите граѓани и во овие тешки моменти излеговме со мерка барем на определена категорија на граѓани да им ги олесниме економските проблеми“, кажа Илиевски.

    Во изборната кампања на Арсовска беше ветен бесплатен автобуски превоз за сите граѓани. Илиевски кажа дека тој ќе биде воведен како што е ветено, непрецизирајќи кога. Арсовска, пак, откако стана градоначалничка кажа дека бесплатен превоз ќе биде воведен за две години.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира