ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД 30-ДНЕВНИОТ ПРИТВОР НА АКТИВИСТКАТА ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА МАРИХУАНА МОНИКА РИСТЕСКА, ПОБАРАА ДЕМОНСТРАНТИ ПРЕД ОЈО

    ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД 30-ДНЕВНИОТ ПРИТВОР НА АКТИВИСТКАТА ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА МАРИХУАНА МОНИКА РИСТЕСКА, ПОБАРАА ДЕМОНСТРАНТИ ПРЕД ОЈОНедопустливо е државата да допушта мултимилионски бизниси за правни лица, а уживателите да ги гони кривично. Никој не мора да биде притворен поради користење наркотици, особено канабис не е основ за одредување мерка притвор. Одлуката на судот е склоп на ригидна политика која се води против корисниците“, рече адвокатот на Ристеска Јанаки Митровски (Фото: СДК.МК)

    Пред Основното јавно обвинителство Скопје денеска напладне почна протестот за поддршка на Моника Ристеска, активистката за легализација на конопот за лична и медицинска употреба, која вчера доби 30 дена притвор и која веќе преноќи во затворот во Шутка. Полицијата ја уапси за поседување 30 мл. масло од коноп и 15 грама коноп, што го нашла при претрес во нејзиниот дом на 8 октомври.

    Ристеска во јавноста е позната по своите ставови за легализирање на канабисот, а еднаш веќе беше приведена откако на јавно место пушеше џоинт.

    Активистката Моника Ристеска вчера доби 30 дена притвор и веќе преноќи во затворот во Шутка (Фото: Фејсбук)

    Јанакие Митровски, адвокат на Моника Ристеска кжаа дека денес ќе поднесе жалба до Кривичниот совет на Основен суд Скопје 1, со која ќе бара поблага мерка од претходно одредениот притвор. Тој кажа дека е недозволиво фирми да прават мултимилионски бизнис од продажба на марихуана, а да бидат казнувани уживателите.

    „Недопустливо е државата да допушта мултимилионски бизниси за правни лица, а уживателите да ги гони кривично. Никој не мора да биде притворен поради користење наркотици, особено канабис не е основ за одредување мерка притвор. Одлуката на судот е склоп на ригидна политика која се води против корисниците“, рече Митровски, според кого правните аргументи се на страната на Ристовска, но дека од судската пракса не очекува позитивен исход од жалбата за која треба да се донесе одлука до петок.

    На протест повика здружението „Билка“, кое смета дека „луѓето кои се залагаат за декриминализација на коноп за лична и медицинска употреба не смеат да ги полнат затворите, туку државата треба да ги чуе нивните аргументи и заедно со нив да изготви поповолни законски решенија со кои ќе се овозможи употреба да конопот за реакреативни цели, а ќе се унапреди пристапот до лекови од канабис за медицински цели“. Со протестот се побара итно ослободување на Ристеска од притвор, но и легализирање на конопот за лична употреба.

    Од Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје утринава соопштија дека Ристеска е „осомничена дека во текот на 2017 и 2018 година, во повеќе наврати, искористувајќи исти прилики и ист траен однос, неовластено набавила наркотична дрога марихуана, од која што со понатамошна преработка добивала наркотична дрога хашиш и други опојни средства, кои потоа ги продавала на уживатели на територијата на Град Скопје“.

    Како што велат од ОЈО, при претрес во скопско Ракотинци на 29 септември минатата година, кај осомничената се пронајдени и одземени: една полиетиленска кесичка со нето 27,46 грама, два шприца со вкупен волумен од 9 милиметри и остатоци од шприцевите со наркотична дрога хашиш смола, една дигитална вага со остатоци од марихуана, две шишиња со вкупен волумен од 2.060 милилитри етил алкохол органски растворувач.

    „На 5 јули годинава, во близина на Канцеларијата за врски на Грција во Скопје, од страна на полициски службеници било извршено легитимирање на осомничената и кај неа биле пронајдени два шприца со остатоци од наркотична дрога хашиш смола, а еден шприц со волумен од 2 милилитри со наркотична дрога хашиш смола е пронајден кај сведок на кого што обвинетата му го продала за 3.000 денари“, се вели во соопштението на ОЈО.

    На 8 октомври, на улицата „Мите Богоевски“ во Скопје, кај осомничената биле пронајдени: четири шприца со вкупен волумен од 39.7 мл наркотична дрога хашиш смола, темно кафеава масловидна материја со волумен од 12 милилитри наркотична дрога хашиш масло, семки во стаклен сад со нето маса од 0.42 грама, кои потекнуваат од растение кое припаѓа на растителниот род канабис–марихуана, растителен материјал во полиетиленски кесички со нето маса од 7.62 грама, пакувања со нето маса од 30.15 грама марихуана помешана со тутун, кои, според ОЈО, сите биле наменети за производство, а потоа и за продажба на наркотична дрога.

    По предлог на надлежен јавен обвинител, судија на претходна постапка од Основниот суд Скопје 1 Скопје на осомниченото лице му определи мерка притвор во траење од 30 дена, како мерка за обезбедување на присуство во текот на кривичната постапка.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира