ОСНОВЦИТЕ ЌЕ УЧАТ ДО 14 ЈУНИ, СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ДО 9 ЈУНИ

    ОСНОВЦИТЕ ЌЕ УЧАТ ДО 14 ЈУНИ, СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ДО 9 ЈУНИСпоред календарот за работа во образованието, до крајот на учебната година треба да се одработат 180 наставни денови. (Фото: СДК.МК)

    Учебната година за учениците од основните училишта ќе заврши на 14 јуни, а за средношколците на 9 јуни, стои во објавата на сајтот на Министерството за образование и наука (МОН). Измената е објавена со Календарите за изменување за организација и работа на основните и јавните средни училишта.

    Второто полугодие од наставната 2022/2023 наместо на 18, почна на 23 јануари. Според календарот за работа во образованието, до крајот на учебната година треба да се одработат 180 наставни денови.

    Министерот за образование и наука Јетон Шаќири смета дека целосно ќе се реализира наставната програмата и целосно ќе се реализира сѐ што е предвидено во датумите за државната матура и во делот за предвидените испити од матурата.

    Шаќири на 26 јануари, одговарајќи на пратеничко прашање на Бети Стаменкоска-Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ на седницата на пратенички прашања, потсети на правото на образование и на законите за основно образование и за средно образование.

    Шаќири кажа дека се направени анализи од Секторот за основно образование, образложувајќи дека во Законот за основно образование точно се предвидува колку работни денови треба да се работи во една учебна година, додека во Законот за средно образование, како што рече, не е предвидено точно колку учебни денови треба да има една учебна година.

    Матурантите ќе полагаат државна матура на 27 мај и 10 јуни, објави Државниот испитен центар (ДИЦ). На 27 мај ќе се полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература, а на 10 јуни математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.

    „Испитниот материјал за испитите од државната матура се подготвува согласно испитните програми. За секој испит во рамките на државната матура постои официална испитна програма, потпишана од министерот за образование и наука. Во неа се опфатени избор на содржини од прва до четврта година по соодветниот предмет, односно не се опфатенини сите содржини од наставните програми. За оваа учебна година има нови испитните програми по македонски јазик и литература, математика, народно пеење и стручните изборни предмети од стручното образование. Сите останати испити ќе се реализираат согласно скратените испитни програми од претходните години. Согласно законот Бирото за развој на образованието е надлежна институција за изработка на испитните програми, а Државниот испитен центар за подготовка на испитниот материјал согласно тие испитни програми, како и организација, спроведување, оценување, обработка на податоци, објавување на резултати и постапување по проговори.
    Напоменуваме дека. испитните комисии кои го изготвуваат испитниот материјал за екстерните предмети во рамкте на државната матура ги имаат во предвид случувањата во училиштата во изминатиот период“, ни рекоа од ДИЦ за тоа дали се размислува за кратење на материјалот за државна матура поради изгубените часови поради лажните дојави за бомби.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира