Професори и асистенти од Економскиот факултет во Скопје осомничени за примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластувањата не смеат да работат и да бидат во контакт со студентите, членовите на Левица Здравко Савески и Владимир Куновски обвинетите за демолирање на канцеларијата на претседателот Ѓорге Иванов, кој ги амнестира сите осомничени од бомбите, не смеат да патуваат во странство, а градоначалникот на Битола, осомничен за криминал со бесплатниот училишен превоз од 360 илјади евра, смее да ја води Општината од куќен притвор. И осомничениот за изборен криминал Кирил Божиновски во случајот “Титаник“, за кого СЈО побара, а судот не одобри притвор, смее и натаму да биде генерален секретар на Владата.
Судија на претходна постапка, вчера ја заврши истрагата за шестемина вработени на Економскиот факултет во Скопје кои се осомничени во случајот „Еразмус“, а денеска ќе треба да донесе решение по барањето на Обвинителството за организиран криминал и корупција на чело со Марко Зврлевски и Јован Илиевски дали професорите и демонстраторите ќе можат да работат во оваа студентска година.
Иако истрагата ја почна во јуни, ова обвинителство дури завчера поднесе предлог до судијата за мерка на претпазливост, забрана за активности кои се поврзани со кривичното дело за кое се осомничени, сѐ до правосилно завршување на кривичната постапка. Ако судијата денеска го послуша обвинителството на Зврлевски, тоа би значело забрана за работа над две години со оглед на спороста на судството.
Вчера професорот Бобек Шуклев, откако излезе од кај судијата, не сакаше да даде изјава во врска со најновото барање на Обвинителството тој и колегите да бидат отстранети од работа додека комплетно да заврши судскиот процес. Обвинителката Лидија Раичевиќ-Вчкова за барањето појасни дека било поради заштитата на граѓаните, во случајов на студентите, што било обврска на обвинителството.
Осомничените се товарат дека примиле поткуп од 2.800 евра. МВР две години го следело овој случај. Во јуни беа апсењата на професорите и асистентите од Економскиот факултет. Судот донесе решение со кое на осомничените им изрече мерки на претпазливост – јавување кај службено лице и кај надлежен државен орган, а им беа одземени патните исправи.
Основниот суд Скопје 1 на чело со Владимир Панчевски досега за истрагите што ги отвори СЈО, не одобри мерки на претпазливост или притвор за никого од осомничените функционери од ВМРО-ДПМНЕ, освен што даде куќен притвор за Талески, без забрана и натаму да ја води Општината.
Обвинителството за организиран криминал, всушност, воопшто не ги ни почна истрагите против функционерите од ВМРО-ДПМНЕ на чело со експремиерот Никола Груевски, за индициите за тежок криминал за кој јавноста се информираше од бомбите на опозицијата. Формално отвори предмети и така ги остави на нулта точка.