Основниот кривичен суд Скопје го осуди неправосилно обвинетиот Т.Д. На седум години затвор за кривичното дело Трговија со дете, соопшти Јавното обвинителство. Обвинетиот во 2013 година ја присилил на брак својата тогаш 17-годишна ќерка и ја продал за 6000 евра на семејство во Словенија. Малолетничката таму од страна на новото семејството била третирана како предмет на купување, за што надлежниот суд во Марибор во декември 2015 година ги осудил сопругот и неговите родители и им изрекол ефективни затворски казни.
„За случајот словенечкиот јавен обвинител го извести Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Надлежен јавен обвинител веднаш започна истрага за кривично правниот настан против таткото на оштетената. Преку меѓународна правна помош за случајот беа обезбедени докази и разменети информации со словенечките колеги. Во текот на истрагата се утврди дека родителите на момчето го договориле бракот и таткото на малолетничката дал согласност невестата да ја даде за пари на човек што прв пат го гледа, а кога малолетничката се спротивставила обвинетиот физички ја нападнал и ја присилил на брак“, се вели во соопштението на Јавното обвинителство.