Осумдневен куќен притвор добија 7, а притвор доби еден од осомничените демонстранти кои беа приведени откако ескалираше мирниот протест на 5 јули против францускиот предлог за кревање на ветото од Бугарија кон Македонија пред Собранието, соопшти Кривичниот суд.
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против осум полнолетни лица, за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело – Учество во толпа што ќе изврши кривично дело од член 385 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Дваесет и осум полицајци беа повредени, од кои десетина потешко, а 11 демонстранти беа приведени на протестите.
Од осумтемина осомничени, шест се на возраст меѓу 18 и 22 години, еден е на возраст од 30 и еден на возраст од 36 години. За настанот се пријавени и три малолетни лица, за кои постапката ќе се води согласно Законот за правда за децата.