ОТИ СМЕ ДЕМОКРАТИ, ПО РЕАКЦИИТЕ ОД ЈАВНОСТА СЕ ОТКАЖАВМЕ ПРОМЕНА НА ПОЛ ДА ОДИ НА ТОВАР НА ФЗОМ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕ

    ОТИ СМЕ ДЕМОКРАТИ, ПО РЕАКЦИИТЕ ОД ЈАВНОСТА СЕ ОТКАЖАВМЕ ПРОМЕНА НА ПОЛ ДА ОДИ НА ТОВАР НА ФЗОМ, РЕЧЕ ФИЛИПЧЕМинистерите Мила Царовска и Венко Филипче денеска на националната конференција „Финансиските импликации за обезбедување достапни и пристапни специјализирани сервиси за жртви на родово засновано и семејно насилство“ што ја организира Х.Е.Р.А. (Фото: Х.Е.Р.А.)

    Министерот за здравство Венко Филипче вели дека  по бурните реакии од јавноста се откажале од најавата да се овозможи промена на пол на товар на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), бидејќи не сакаат да го загрозат проектот на Клиниката за детска хирургија со кој ќе се овозможат операции за кои пациентите досега биле праќани во странство.

    „Станува збор за соработка со врвен експерт од Србија, кој што работи во многу земји од светот и е експерт во областа на детската урологија. Има еден стручен аспект, а тоа е дека ние голем број деца праќаме на лекување во странство токму кај него и ФЗОМ праќа огромни суми на пари. Ние направивме договор и разговор со Клиниката за детска хирургија за да се прогласи за визитинг професор на нашиот Медицински факултет, за да не се праќаат во странство, да работи со нашите лекари и да ја надградува нивната експертиза, и пациентите да останат кај нас. Тоа е нешто што го правиме и во други области. Така функционира и нашата Државна кардиохирургија, со нашиот експерт од Германија. Сега ќе дојде и странски експерт за хематологијата од областа на детската трансплантација“, рече денеска Филипче пред новинарите на националната конференција „Финансиските импликации за обезбедување достапни и пристапни специјализирани сервиси за жртви на родово засновано и семејно насилство“ што ја организира Х.Е.Р.А.

    Тој вели дека по вчерашната ЛГБТ конференција, имало огромни реакции во јавноста и дека затоа на некој начин ретерираат. Министерот рече дека можеби требало уште вчера да објаснат, но дека ќе ги почитуваат реакциите од јавноста и дека имаат право да оставаат простор да бидат флексибилни.

    „Сакам да објаснам дека не станува збор за којзнае колкав број на пациенти. Станува збор за еден човек кој што со години талка низ лавиринтите, барајќи помош од повеќе специјалности, поради тоа што тоа е комплексен проблем. Не е тоа работа што може да се реши преку ноќ. Многу сериозни земји го разгледуваат овој проблем, приоѓаат на градење на стратегија, како тоа да се реши, затоа што тоа навистина е медицински проблем и ќе потенцирам, навистина имаше големи реакции во јавноста. Ние сме демократи, ги прифаќаме, сметаме дека е легитимно да ретерираме и тоа беше причината. Не сакаме да загрозиме еден ваков значаен проект, затоа што не се однесува само на тоа. Заради тоа, ќе се фокусираме на оној дел за кој пациентите ги праќавме во странство, а се однесува на конгенитални, вродени малформации кај децата. Тој експерт ќе доаѓа и ќе работи со нашите експерти и ќе се работат тие интервенции кај нас“, вели Филипче.

    На новинарско прашање дека дел од вчерашните реакции биле оти за лекување деца сѐ уште се собираат пари преку донации и по социјални мрежи, како Министерството ќе го реши овој проблем, со оглед на тоа дека имаше и случај каде луѓе лажно се претставуваа и собираа пари за лекување деца, тој рече дека иако тоа не е во ингеренција на Министерството туку во директна ингеренција на ФЗОМ, но е во постојана комуникација со директорите во Фондот и дека нема ниту доцнење ниту одолговлекување на процедурите за одобрување на лекување во странство.

    „Ова најодговорно го кажувам за изминатата година и пол. Точно е дека во јавноста и по социјалните мрежи има повици за донации. Имавме состанок со мобилните оператори кои што ги иницираат тие акции и инсистиравме дека за време на објавување на повикот мора да се додаде една ставка, со која ќе се објасни зошто се бара донацијата. Дали станува збор за официјално одбиено барање од ФЗОМ, затоа што немаме медицинска индикација, но тоа е на желба на семејството, или станува збор за алтернативна медицина, за која нема докази. Тоа е сосем легитимен аргумент комисијата да го одбие лекувањето, затоа што тоа е противзаконски да дадат дозвола за лекување во странство. Легитимно е да се бараат средства, ако човек мисли дека може да се направи и надвор од тоа што е докажано со медицината базирана на докази. Но, сметам дека јавноста треба да го знае тоа. Ако донираме пари за лекување или за каква било постапка да знаеме што и како е завршено во однос на официјалните постапки во државата. Мобилните оператори, морам да кажам, дека ја разбраа поентата. Имаме состанок во следниот период уште еден, во кој што ќе дефинираме начинот на кој што ова ќе се изведе“, рече Филипче.

    На прашањето до каде е посебниот фонд за лекување деца во странство кој што СДСМ го вети во изборната програма, тој рече дека официјално ваков фонд нема, но дека функционално сите аспекти се задоволени.

    „На ниту едно дете и на ниту еден пациент не му е скратено правото да се лекува во странство. Одговорно кажувам во изминатава година и пол комисиите одлично си ја вршат работата, без оглед дали има таканаречен фонд за деца или за возрасни, секој пациент се разгледува согласно упатувањето од клиниката, дали станува збор за итна процедура или нешто што не бара итност и сето тоа според медицината базирана на докази“, рече Филипче.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира