ОТКАКО ИСТЕКОА ЗДРАВСТВЕНИТЕ КАРТИЧКИ МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ БАРААТ УПАТСТВО КАКО ДА ГИ КОРИСТАТ ТОКЕНИТЕ ЗА ПРИЈАВА НА ПАЦИЕНТИ

    ОТКАКО ИСТЕКОА ЗДРАВСТВЕНИТЕ КАРТИЧКИ МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ БАРААТ УПАТСТВО КАКО ДА ГИ КОРИСТАТ ТОКЕНИТЕ ЗА ПРИЈАВА НА ПАЦИЕНТИОд Фондот за здравствено осигурување велат дека поврзувањето со нивниот систем е едноставно, направени се потребните технички измени, и дека во моментот работат на процедурите за заштита на личните податоци на лекарите при пријавување на дигиталните сертификати на нивниот веб портал.- Ден Дончев и Орхан Рамадани, директори на ФЗОМ (Фото: СДК.МК)

    Матичните лекари реагираат дека сѐ уште немаат никакво упатство ниту од Фондот за здравствено осигурување, ниту од Министерството за здравство како ќе ги користат токените место електронски картички за пријавување на нови пациени. Измените на правилникот од задолжителното здравствено осигурување, со кои им се овозможува да пријавуваат и да одјавуваат пациенти со дигитален сертификат е донесен и објавен во службен весник на седми овој месец. Од Фондот за здравствено осигурување на Македонија велат дека во моментот работат на процедурата за заштита на личните податоци на лекарите при поврзување на нивните дигитални сертификати со информатичкиот систем на Фондот.

    Измените на правилникот беа најавени уште лани за да се надмине проблемот со електронските здравствени картички, бидејќи на почетокот на годината истече важноста на безбедносниот код на 500.000 картички.

    Д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари на Република Македонија, вели дека немаат никаква информација ниту на чиј трошок ќе се набавуваат дигиталните сертификати, ниту како ќе се поврзат на системот на Фондот и дали ќе се користат само за пријавување и одјавување на пациенти.

    „Измените на правилникот ги донесоа и објавени се во Службен весник на седми овој месец. Но, оттогаш досега ниту некој нѐ контактирал, ниту ни кажал како тоа ќе се имплементира. Како дигиталниот сертификат на секој доктор ќе се поврзе со системот на ФЗОМ и дали тој ќе може да се користи за праќање електронски фактури кон Фондот“, вели д-р Чолакова Дервишова.

    Од Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) велат дека во моментов дигитално потпишување се користи само во нивниот информатички систем и дека со измените во правилникот се предвидува покрај електронската здравствена картичка ЕЗК да може да се користи и квалификуваниот дигитален сертификат издаден од овластени издавачи на квалификувани сертификати, односно од КИБС или Македонски Телеком.

    „Се работи за мали измени во начинот на користење на квалификуваните сертификати во информатичкиот систем на Фондот. Ги подготвивме потребните кориснички упатства за крајните корисници и спроведовме кратка обука на вработените во подрачните служби кои понатаму на локално ниво треба да им помогнат на осигурениците, лекарите и останатите здравствени работници, во случај да не може да се снајдат со корисничкото упатство и би им објаснувале самата процедура. Се работи за едноставно и кратко упатство и нема некоја поголема промена од сегашниот начин на потпишување со сертификатот од ЕЗК“, велат од ФЗОМ.

    Од Фондот велат дека ги направиле потребните технички промени во нивниот информатички систем за да можат лекарите со дигиталниот сертификат да се поврзат на нивниот веб портал.

    „Во моментов се работи на усогласување на одредени одредби околу заштитата на личните податоци за носителите на сертификатите кога се врши проверка на валидноста на издадениот сертификат при користење на сервиси од квалификуваните сертификати. По пропишување на соодветните процедури околу заштитата на личните податоци ќе пристапиме кон поврзување со сервисите од КИБС и Телеком и пуштање во продукција на решението. Во моментот кога ќе ги поврземе системите, лекарите, здравствените работници, овластените лица од компанииите, осигурениците ќе бидат известени за новините и начинот на користење на квалификуваниот сертификат во системот на Фондот“, велат од ФЗОМ.

    Лекарите на сопствен трошок ќе треба да го набават дигиталниот сертификат.

    „Сакаме да напоменеме дека за оние, кои веќе имаат набавено квалификуван сертификат и го користат за други намени, односно во системите на Електронскиот систем за јавни набавки, Управата за јавни приходи или Катастар ќе може истиот да го користат и во системот на Фондот. Со сертификатот технички ќе може да се потпишуваат и фактурите, препишување и подигнување на ортопедско помагало како и сите останати барања за оставрување на е-услуги во системот на Фондот, кои во моментов може да се потпишуваат со сертификатот од ЕЗК“, велат од ФЗОМ.

    Проблемот со картичките настана уште пред три години оти претходните здравствени власти навреме не распишаа нов тендер за печатење на картичките, а новата власт одлучи дека ќе го менува системот, односно дека ќе ги спојува картичките со личните карти. Но, според изјавите од ексминистерот за здравство Арбен Таравари, за да се реализира оваа промена потребни се две до три години, а како преодно решение беше доснесена одлука лекарите да користат дигитални сертификати место картички.

    Е.БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари