ОТКАКО СУМ ЈАС МИНИСТЕР ИМА СЕРИОЗНО НАМАЛУВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ ВО СООБРАЌАЈОТ, ВЕЛИ СПАСОВСКИ

    ОТКАКО СУМ ЈАС МИНИСТЕР ИМА СЕРИОЗНО НАМАЛУВАЊЕ НА ЖРТВИТЕ ВО СООБРАЌАЈОТ, ВЕЛИ СПАСОВСКИСпасовски рече дека во 2013 година имало 198 жртви во сообраќајни несреќи, а минатата година 111. (Фото: МВР)

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека откако тој е на функцијата постојано се намалуваат жртвите во сообраќајот, на денешниот настан со Амбасадата на САД за заокружувањето на проектот ,,Мобилен систем за снимање со камери“.

    Одговарајќи на новинарско прашање, Спасовски рече и дека во 2013 година имало 198 жртви во сообраќајни несреќи, а минатата година 111.

    „Гледате колку се подобрени резултатите со тоа што колегите нон стоп се на патиштата и нон стоп се во контрола. Имаме сериозно намалување на бројот на жртви во сообраќајот. 2013 година сме имале 198 жртви, а 2021 сме имале 111 жртви. Тоа е благодарение на посветеноста и на работата, или ако сакате, од моментот кога јас раководам со МВР, од 2016 година до денеска имаме постојан пад на жртвите во сообраќајот, намалување на тешки телесни повреди, сериозни штети, итн. Ова е комплексен проблем, мора и образовниот систем да преземе дел од одговорноста, затоа што сообраќајната култура се стекнува од мали нозе“, кажа Спасовски.

    Проектот ,,Мобилен систем за снимање со камери“ е донација од еден милион и 61 илјади долари од САД. Камерите се поставени на полициските службеници кои регулираат сообраќај, а примената почна во 2016 година.

    Од МВР претходно соопштија дека во текот на 2021 година се изречени 240.871 санкции за непочитување на сообраќајните правила, што е за четири пати повеќе споредено со 2020 година, кога биле изречени 55.444 санкции. Од овие 240.871 санкции, најголем дел се за пребрзо возење -104.703, прекршок кој според сите анализи е најчеста причина за сообраќајни несреќи со тешки последици. Покрај тоа санкционирани се 24.053 лица за управување без возачка дозвола, 10.360 возачи кои возеле под дејство на алкохол итн.

    Како резултат на овие активности, велат од МВР, 2021 година е година со најмалку жртви на сообраќајниците во Македонија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира