ОВАА ГОДИНА ОЧЕКУВАМЕ 2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ПРИЛИВ ОД ПЕЧАЛБАРИТЕ, ВЕЛИ АКАДЕМИК БЕЏЕТИ

    ОВАА ГОДИНА ОЧЕКУВАМЕ 2 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ПРИЛИВ ОД ПЕЧАЛБАРИТЕ, ВЕЛИ АКАДЕМИК БЕЏЕТИСамо на потегот од Тетовскиот суд го Горна чаршија има над 250 бутици за свадби, но изминатата година многу затворија поради ковид пандемијата. (Фото: СДК.МК)

    Академик Абдулменаф Беџети, кој е и Ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, вели дека по малку бил изненаден од приливот на пари што нашите печалбари ги пратиле дома минатата година во екот на пандемијата. Тој е оптимист и вели дека очекува оваа година приливот од печалбарите уште да се зголеми.

    „И покрај тоа што минатата година очекувањата од приватни трансфери на нашите од дијаспората беа многу ниски, бидејќи малку време престојуваа тука, ако се гледа финансиски тие не престанале да праќаат пари. Според податоците на Народна Банка, минатата година околу 1,5 милијарди евра влегле во земјата и тоа е најголем придонес за нашата земја, што го призна и гувернерката на Народна банка. Жално е што ние ништо не правиме за нив, колку што печалбарите прават за нас. Оваа година, лично очекувам овие трансфери многу повеќе да се зголемат и да надминат 2 милијарди евра, зашто со олабавувањето на мерките од ковид-19,  печалбарите едвај чекаат да дојдат и да престојуваат во татковината“, рече Беџети при отворањето на отварањето на лабораторијата за форензика на Штуловиот универзитет во Тетово и додаде:

    „Еве на пример, за време на неодамнешните продолжени празници во Европа, се виде колку наши печалбари го искористија тоа и дојдоа тука. Тие престојуваа десетина денови и едноставно за тие денови го заживеаја стопанството и трговијата. Тоа покажа дека Полошкиот Регион органски е зависен од печалбарите и затоа очекувам оваа година да дојдат во уште поголем број“.

    Додека академик Беџети е оптимист и зборува за голем прилив на пари од печалбарите, тетовските трговци не се многу сигурни за својот опстанок. Нив посебно ги загрижува тоа што сѐ уште не се дозволува да се организираат свадби, дејност од која на огромен број трговци од Тетово им зависи опстанокот. Минатата година поради пандемијата со ковид-19 печалбарите не дојдоа, а тетовските трговци се најдоа на работ на пропаста. За некои прометот беше намален и за 100 насто.

    „Сѐ уште не знаеме дали Европската Унија ќе дозволи слободно доаѓање на нашите печалбари. Ако им дозволи, тоа ќе биде добро за нас. Минатата година немаше свадби па сега сите, и тие, а и ние, чекаме да се дозволат свадбите. Во Тетово злато најмногу се купува кога се прават свадби, преку година ретко кој купува. Чаршијата е блокирана веќе 18 месеци, сега немаме ниту 10 отсто промет отколку што сме имале пред пандемијата“, вели златар во Тетово.

    На печалбарите нестрпливо чекаат и бутиците кои продаваат невестинска облека. Само на потегот од Тетовскиот суд го Горна чаршија има над 250 вакви бутици. Дел од нив не издржаа и во изминатиов период се затворија, а останатите се надеваат дека годинава ќе попуштат мерките, а со тоа ќе се дозволи и да се организираат свадби.

    „Сите овие бутици за невестинска и свадбарска облека, продавници за чевли, за златен накит, за подароци, сите тие се сврзани со свадбите, а кај нас свадби најмногу се прават во летниот период кога доаѓаат печалбарите. Најчесто тие тука кај нас се женат или мажат, тука им се роднините и тука прават свадби. За свадби кај нас најмногу се торшат пари и сите овие дуќани живеат само од тоа. Минатата година, поради заразата, немаше свадби и тоа многу нѐ погоди сите нас. Дел од сопствениците на бутиците мораа да затворат бидејќи немаше речиси никаков промет. Дел останавме и се надеваме дека годинава ќе попуштат мерките, ќе се дозволи да се организираат свадби и така да се спасиме. Ако и ова лето нема свадби, сите овие 200-300 бутици во градот ќе мора се затворат. Е, дури тогаш ќе биде многу лошо за нас“, вели сопственик на бутик за невестинска облека во Тетово.

    Тетовската Горна чаршија овие денови е речиси пуста. Ретко кој купува, но сите се во очекување да попуштат рестриктивните мерки, да дојдат печалбарите, да се дозволи организирање свадби, а со тоа чаршијата да заживее.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира