Деновиве се намалува бројката на прием на пациенти заболени од КОВИД-19 во болниците, во споредба до пред 10 дена, рече денес министерот за здравство Венко Филипче. Според вчерашната статистика, вкупно ковид дијагностицирани во нашата има 6.334, оздравени се 2.475, починати се 302, а има 3.557 активни случаи.
Изминативе денови рече тој, е голема и бројката на испишани излекувани пациенти. Според него, болниците не се преполни. На Инфективната клиника 90 кревети се полни, има уште десет места празни, 30 отсто е полна Детската болница во Козле каде се лекуваат пациенти со полесна клиничка слика.
Целосно е празна монтажната болница, каде се поставува систем за централен довод на кислород, а таму ќе работи тим од Институтот за туберкулоза.
„Има места и во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“, но таму разговараме за ротација на кадарот. Таму се префрлија тројца анестезиолози од приватното здравство кои се од огромна помош на 8-те анестезиолози во болницата. Денеска ќе имаме состанок со анестезиолози од КАРИЛ за да се направи ротација“, кажа министерот во Градскиот парк, по средба со Здружението за ретки болести.
Филипче уште еднаш го осуди вчерашниот инцидент, кога насилници нападнаа лекарка во болницата, и рече дека неговите информации се дека имало недоразбирање во почитувањето протокол за починато лице.
„ ‘8 Септември’ е една од најоптеретените болници во земјава. Апелирам до семејствата да имаат разбирање дека треба да се почека до некоја информација. Анализите покажуваат дека смртноста е прилично висока, а околу 30 случаи се регистрирани како позитивни на ковид-19 после смртта“, рече министерот.
Тој додаде дека се прават напори здравствениот систем постојано да е во добра кондиција да се примаат пациенти, со детална подготовка за есенските месеци, затоа што може да има наплив на пациенти токму тогаш, и плус поради сезонскиот грип.
Б. НЕСТОРОСКА