ПРИВЕДЕНИ ШЕСТМИНА НАСИЛНИЦИ КОИ НАПАДНАЛЕ ЛЕКАРКА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“, ЕДЕН ОД НИВ ПОЗИТИВЕН НА КОВИД-19

    ПРИВЕДЕНИ ШЕСТМИНА НАСИЛНИЦИ КОИ НАПАДНАЛЕ ЛЕКАРКА ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“, ЕДЕН ОД НИВ ПОЗИТИВЕН НА КОВИД-19Лекарите и медицинскиот персонал во ГОБ „8 Септември“ станаа мета на секојдневни закани и напад од роднини на починати лица од коронавирус - снимка од инцидентот на 11 јуни (Фото: Ѓ. Личовски)

    Лекарка била нападната попладнево во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, од група насилници, роднини на починат пациент. Информацијата за САКАМДАКАЖАМ.МК ја потврди МВР, но без детали дали лицата биле вооружени.  Приведени се шест лица во полициската станица Гази Баба по инцидентот, а еден од приведените бил позитивен на коронавирусот и е спроведен во полициската станица со специјални протоколи.

    На местото интервенирала Единицата за насилен криминал во МВР.

    „Лоцирани се лицата кои ѝсе заканувале на лекарката од ГОБ ‘8 Септември’. Нив ги испитува полицијата со цел да се расчисти случајот. Нема официјални податоци зошто настанал инцидентот“, изјавија од МВР.

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека станува збор за крајно непочитување на сите здравствени работници кои повеќе од 4 месеци деноноќно се борат за секој човечки живот и дискредитација на нивната работа, нивниот труд и жртва, ризикот на кој се изложени и одрекувањата.

    „Овие луѓе со месеци ги немаат видено своите семејства, ги немаат прегрнато своите најблиски, немаат ден одмор и оддишка од напорната работа. Најостро го осудувам овој инцидент. Колегите кои се борат со преку 100 пациенти сместени во болницата заслужуваат само поддршка и разбирање, а не закани“, напиша Филипче на Фејсбук.

    Не е првпат во „8 Септември“ да бидат нападнати лекарите и медицинскиот персонал. На 11 јуни интервенираше полицијата поради инцидент на одделот за интензивна нега, предизвикан од роднина на починато лице од коронавирус. По кажувањата на вработените, тие постојано се изложени на афектни однесувања и испади од членови на семејства на пациенти кои се лекуваат или кои починуваат таму од компликации предизвикани од коронавирусот.

    Истиот ден имало инцидент и во одделот за интензивна нега, на спратот каде што лежат најтешко болните кои се на респираторни машини. Ќерка на починат пациент успеала да се пробие до тоа одделение, била многу агресивна и се заканувала на медицинските работници, па тие повикале обезбедување, а обезбедувањето полиција. И таа снимала со телефон, кој полиција ѝ го одзела.

    Денеска директорот Христијан Костов изјави дека семејствата продолжуваат да ги носат заболените роднини од коронавирус многу доцна, т.е. предоцна, кога едвај може да дишат, место порано, за да има место за навремена лекарска интервенција и помош кај заразените.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари