Во Воспитно-поправниот дом во Тетово, штитениците посетуваа настава само неколку дена во јануари. Пак е прекината наставата за децата.
Само што почна лани, часовите се прекинаа во септември, откако Министерството за образование заборави да ги обнови договорите со наставниот кадар за возрасни од училиштето „Макаренко” кој им предаваше на штитениците. Така отиде првото полугодие, без никој во МОН да понесе одговорност што нема образование во установата.
На мускули некако, МОН ги продолжи договорите и требаше барем во второто полугодие во ВП домот да се одржува настава.
- НА КРАЈ НА ПРВОТО ПОЛУГОДИЕ, СЕПАК ПОЧНА УЧИЛИШНАТА ГОДИНА И ВО ВП ДОМ „ТЕТОВО”, ЗАТВОРЕНИТЕ ДЕЦА ПРЕСРЕЌНИ
- ШТИТЕНИЦИ ОД ВП ДОМ „ТЕТОВО“ ОД 14 ДО 18 ГОДИНИ НИКОГАШ НЕ ОДЕЛЕ НА ШКОЛO, 21-ГОДИШНИК Е СО ВТОРО ОДДЕЛЕНИЕ, ОБРАЗОВАНИЕ ТАМУ МИНИСТЕРСТВОТО НЕ ОБЕЗБЕДУВА
- МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ НЕ ИМ ДАВА ДА УЧАТ НА ДЕЦАТА ЗАТВОРЕНИ ВО ВП ДОМОТ ТЕТОВО, ЗАБОРАВИЛО ДА ИМ ГИ ОБНОВИ ДОГОВОРИТЕ НА НАСТАВНИЦИТЕ
УНДП се откажал конечно од помагање на проектот, зашто тоа е работа на државата, а не тие вечно да го финансираат образовниот процес за штитениците кои таму се затворени на воспитни мерки како сторители на полесни кривични дела и престапи, по што веднаш образовниот процес се прекинал.
„Точно е дека нема настава во Воспитно-поправниот дом ‘Тетово’. Кажано ни е дека МОН подготвува законски измени со кои сертификатите од завршениот образовен процес ќе важат за целата држава, а не само за Скопје. Мора законски измени за да пристапи МОН кон образованието на овие деца”, вели директорот на Управата за извршување на санкции Јовица Стојановиќ.
Ниту со новинарски написи, ни со секојдневен ангажман, реакции и укажувања од Народниот правобранител за кршење на основното право на образование на децата, се успеа да се реши овој проблем, кој државата со години не го есапи.
Без образование и натаму во ВП Дом нема ресоцијализација на децата-престапници кои по цел ден таму затворени, не знаат што да прават со себе.
С. К. ДЕЛЕВСКА