Претседателот на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски вработил членови на семејството на двајца членови на Судскиот совет, Александра Зафировска и Владе Богданоски, кои сега треба вонредно да го оценуваат и да му ја поправат тројката за да може поворно да биде избран на функцијата. Непотизам во случајов има најмногу кај експретседателката Зафировска, чиј зет Светислав Теофиловски, Панчевски го вработил како стручен соработник во судот. Нејзиниот внук, Александар Милошевски, пак, е судија во Кривичниот суд.
Панчевски го вработил и синот на Владе Богдановски, последниот избран член на Судскиот совет. Него Собранието, т.е. парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ го изгласа на 13 октомври годинава, седум дена пред да се распушти. Панчевски го вработил неговиот син Живомир Богданоски како стручен соработник во Кривичниот суд.
Според најновата измена на Годишниот план за работа на судиите што ја направил претседателот Панчевски денеска, Живомир е распореден да работи во Одделението за извршување санкции.
Александра Зафировска е претседател на комисијата која врши контрола на работата и оценување на судиите и на претседателот на Основниот суд Скопје 1, а од петокот, кога Судскиот совет донесе одлука за вонредно оценување на кандидатите за претседатели на Кривичниот и на Врховниот суд, таа е поставена за член на комисијата која ќе врши вонредно оценување на Панчевски за неговата работа во 2015 година.
Последната оценка му е од 2014 година и таа е тројка, пониска од оценките на противкандидатите Владимир Туфегџиќ и Иван Џолев.
Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски потврди дека тројката веќе нема да се важи, бидејќи вонредното оценување ќе биде за 2015 година. Лани Панчевски ја поправил оценката на 4.
По вонредното оценување, Судскиот совет ќе ги гласа новите, корегирани оценки на кандидатите за претседатели на Основниот суд Скопје 1 и на Врховниот суд на РМ.
Ќе гласаат и Зафировска и Богданоски, непотистички врзани со Основниот суд Скопје 1 и со претседателот Панчевски.
САКАМДАКАЖАМ.МК вчера го праша претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски дали Зафировска и Богданоски ќе бидат изземени од вонредното оценување на Панчевски, бидејќи тој им вработувал членови од најтесното семејство. Но, на смс пораката што му ја пративме, добивме единствено повратна смс со содржина: “Непотизам?“
Зафировска за време на претседателскиот мандат, според она што го слушнавме во прислушуваните материјали што ги објави опозицијата, се јавувала кај тогашниот премиер Никола Груевски за да го информира, како што вели, како што се договориле со него, дека распишала оглас за избор на двајца судии во Апелациониот суд Скопје.
Таа ги диктира имињата на секретарката на Груевски.
Во друг разговор, пак, меѓу ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, Јанкулоска го информира дека Александра Зафировска ја предложила за судија кандидатката Лидија Петровска, која подоцна повторно од прислушуваните разговори стана позната како „сваровски судијка“. Таа за три дена треба да го почне судењето против седумтемина од УБК кои ги запалиле списите за прислушувањето, за што обвинение покрена СЈО.
С. К. ДЕЛЕВСКА