Зборовите пари, апси, уапси, глуп и ѓубре се најчесто употребуваните во бомбите, покажа првата лингвистичка анализа на прислушуваните материјали, што денеска ја презентираше академик д-р Виктор Фридман од САД, еден од најзначајните слависти во светот и проучувач на македонскиот јазик. Со неговото предавање насловено „Јазикот на бомбите како автентичен македонски разговорен јазик. Граматика и лексика.“, бомбите за првпат влегоа и во научно истражување, а д-р Фридман вели дека тие се јазичен корпус кој може да даде огромен број заклучоци за говорот на современата македонската елита, што е многу важно за лингвистите.
д-р Фридман со ова предавање по 21 година се врати на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, а со истражувања на македонскиот јазик се занимава 45 години, академик е во МАНУ и за огромната научна работа и популаризација на македонскиот јазик доби и македонски пасош.
Во неговата анализа на јазикот на бомбите тој посебно се осврна на употребата на турцизмите како пример за разговорен јазик, а споредбата ја правел со „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, кој имал тенденција за словенизирање на јазикот. Фридман рече дека во бомбите има 3 пати повеќе турцизми отколку кај Мисирков – 82 со 2.555 примери. Спомена и еден текст на Блаже Конески, во кој тој критикува еден македонски превод на „Тартиф“ од Молиер во кој се користат турцизми. Конески сметал дека говорот во „Тартиф“ го одразува говорот на францускиот двор во 17 век, и затоа не може да се преведе со разговорен јазик за кој е карактеристична употребата на турцизмите. Со други зборови, говорот на дворот е израз на образование, а од разговорниот говор се гледа недостиг на образование.
„Елитата од бомбите може да се смета како македонски двор од 21 век, кој исто како оној на ‘Тартиф’ од 17 век сака барок, но зборува разговорен јазик, полн со турцизми. Најчесто употребуван збор е пари – 110 пати, и апси, уапси – 13 пати, што со оглед на содржината на разговорите на бомбите не треба да зачудува. Исто така шампион е зборот глуп, кој се користи 50 пати““, рече д-р Фридман.
Во кусиот разговор по предавањето, академик Фридман посочи дека покрај лингвистичката потребна е и етнографска анализа на бомбите, што може да даде сознанија за светогледот на македонската елита на власт.
Во дискусијата имаше и еден обид за дискредитација на анализата на д-р Фридман, од вработена во Институтот, која беше незадоволна што тој бомбите ги анализирал во споредба со делото на Мисирков, и ја доведе во прашање лингвистичката вредност на трудот. Таа рече дека кај нив во Институтот имало и трудови во кои бомбите се анализирале не од лингвистички туку од комуниколошки апспект како таканаречена „руморна комуникација“, односно комуникција базирана на гласини.