Мирјана Бошковска, благајник во „Орка холдинг“ за која Орце Камчев во петочното сведочење рече дека заедно го избројале милионот евра за во торбата „луј витон“ што подоцна му ја дале на првообвинетиот во „Рекет“ Бојан Јовановски-Боки 13, пристапи да сведочи откако денеска си замина сведокот Ана Камчева.
Одговарајќи на прашање на обвинителката Вилма Русковска, рече дека во декември извадила од три сметки на Ана и Ратка Камчеви (двапати по 5 милиони и еднаш 12 милиони денари), а во февруари и од сметката на Кристина Камчева. Ги вадела во денари, ги менувала во евра во менувачница.
Од сметката на Кристина во февруари извадила над 18 милиони денари, а од таа на Ратка, 21 милион денари. Ги сменила во евра и потоа од задната страна на куќата на Орце Камчев ги донела. Заедно со него ги подредиле по спецификации по апоени од 50 до 500 евра.
На прашање од адвокатот на Јовановски, сведокот одговори дека во декември 2018 година само еднаш присуствувала Ана Камчева, како сопственик на сметка, што е задолжително по закон за големи суми.
Потоа ја праша дали го познава Јовановски, таа кажа дека не го познава. Не го видела никогаш и во домот на Орце Камчев.
Потоа адвокатот побара да го објасни составувањето на спецификацијата на парите на милионот евра.
„Јас ја правев спецификацијата, двапати ја проверив, по што ги ставивме во торба. Осумдесет отсто од парите беа по 50 евра“, кажа Бошковска.
„Примерок имате од таа спецификација?“, праша адвокатот.
„Не“, одговори сведокот.
- ДАЛИ ЈАС ПРИСУСТВУВАВ КОГА ГИ БРОЕВТЕ ПАРИТЕ ОД НАВОДНИОТ МИЛИОН СО ТАА ВАША МИМИ, ГО ПРАША БОКИ 13 СВЕДОКОТ КАМЧЕВ НА „РЕКЕТ“
- АНА КАМЧЕВА НЕ ПОТВРДИ СО СИГУРНОСТ ДЕКА КАТИЦА ЈАНЕВА ЗНАЕЛА ОТИ ДОМА КАЈ БОКИ 13 ЌЕ ДОЈДАТ НА ГОСТИ ТАА И ЗОРАН МИЛЕСКИ
Потоа стана Јовановски да ја прашува.
„Во што ги донесовте тие евра кај Камчев?“, праша Боки 13.
„Во две спортски торби. Едната беше долга еден метар, другата помала. Донесов 710.000 евра“, одговори Бошковска.
„Како е возможно пари од две торби да ги собере потоа во една помала торба“, праша првообвинетиот.
„Возможно е, кога ги сменив, еврата беа во помала количина“, рече Бошковска.
„Знаевте ли дека ве снима Орце како броите пари?“, праша Боки 13.
„Не знаев“, одговори сведокот.
И адвокатката на второобвинетата Катица Јанева имаше прашања за благајничката.
„Во декември, во какви апоени ви беа сменети парите?“, праша адвокатката.
„Не се сеќавам. Имаше од сите апоени, но тогаш не направив спецификација на парите како во февруари“, одговори Бошковска.
Судењето продолжува на 25 декември, кога меѓу сведоците ќе биде и бизнисменот од Гевгелија Томе Главчев, осомничен во истрагата „Поштенска банка“.
Во „Рекет“, Боки 13 е обвинет за кривичните дела Перење пари и за Примање награда за противзаконито влијание, а второобвинетата Катица Јанева за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувањата. Зоран Милески-Кичеец, исто така, беше обвинет за Примање награда за противзаконито влијание, но тој го призна делото и беше осуден на три години затвор во издвоена постапка. Тројцата ги пријави Орце Камчев дека го рекетирале за да му ја олеснат положбата во истрагата „Империја“, каде што е првоосомничен.
С. К. ДЕЛЕВСКА