Иако Обвинителството за организиран криминал и корупција ја заврши истрагата и вчера поднесе обвинение за корупција со европските пари за земјоделците, средствата уште им се замрзнати. Планираните инвестиции кои бараа претходно земјоделците да обезбедат сами половина од сумата (за да ги добијат 50-те посто од ИПАРД), уште им се во неизвесност.
Главниот ревизор за средствата бод ИПА Милаим Абдураими од Државниот завод за ревизија ни изјави дека ИПАРД-средствата се уште се замрзнати, но дека наскоро контролата за начинот на исплаќањето и за неговите слабости, што ја врши Министерството за финансии паралелно со истрагата на Обвинителството, наскоро ќе заврши и парите ќе бидат ослободени.
Кога пукна скандалот со земањето мито од страна на сега обвинетиот директор на Агенцијата за поддршка на земјоделието Илија Стоилев, кој во ноември беше фатен во вршење на кривичното дело, Министерството за финансии влезе во контрола на системот за исплата за да ги најде слабостите, и не по барање на ЕУ, туку самоиницијативно.
Но, средствата до денеска останаа неслободни.
По спроведена истражна постапка, јавен обвинител од ОЈО ГОКК вчера до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице обвинето дека сторило кривично дело Давање поткуп и кривично дело – Давање награда за противзаконито влијание, три лица кои сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание и на едно лице, директорот на Агенцијата Илија Стоилов, му се става на товар кривичното дело Примање поткуп.
Првообвинетиот како управител на кривично одговорното правно лице аплицирал на јавен повик на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој на РСМ и поднел барање за користење на финансиски средства преку ИПАРД-програмата. Бидејќи правното лице не ги исполнувало пропишаните услови, апликацијата била пониско рангирана и не ги исполнувала критериумите за добивање финансиска поддршка.
Со цел апликацијата неосновано да биде повисоко рангирана и побараниот износ на финансиска помош во целост да биде одобрен, управителот, во име и за сметка на правното лице, во повеќе наврати ветувал и давал пари. На раководно службено лице во Агенцијата бил ветен подарок во износ од 50.000 евра, а на уште три лица им биле дадени 5.000 евра за да го искористат своето реално влијание и службена положба и да извршат притисок за донесување одлука што не смеела да биде донесена.
„Во текот на истражната постапка Обвинителството утврди и кривична одговорност кај уште четири државни службеници вработени во Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и рурален развој на РСМ против кои јавниот обвинител поднесе Обвинителен предлог за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, додека на кривично одговорното правно лице на товар му се става кривичното дело Давање поткуп.
Обвинетите постапувајќи спротивно на своите службени обврски, овозможиле незаконско одобрување на апликацијата. Тие при обработка и контрола на документацијата извршиле погрешна пресметка на исполнетоста на условите и врз основа на некомплетна документација го изработиле, контролирале и одобриле Образецот за контрола на комплетност на договорот, а потоа и Решението за одобрување на финансиска поддршка“, вели Обвинителството.
Второобвинетиот во Обвинителниот акт, иако бил свесен дека правното лице не ги исполнува законските услови, го потпишал решението со намера да го прими ветениот подарок.
Поради неизменетите околности, законските основи поради кои на четворицата обвинети им беше определена мерка притвор, а не едно лице мерка куќен притвор се уште постојат, па со обвинението до судот е поднесен и предлог за продолжување на изречените мерки. За обвинетите државни службеници со Посебен предлог се предложени мерки на претпазливост: забрана за вршење службени активности поврзани со кривичното дело, односно работни активности како службено лице во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, одземање на патни исправи и обврска за повремено јавување кај надлежен орган.
Исто така, со Обвинителниот акт јавниот обвинител предложи одземање на предметите употребени за извршување на кривичното дело мобилни телефони, медиуми за складирање на дигитални податоци и парични средства и тоа 35.370 евра, 206.000 денари и 200 швајцарски франци.
Од прибраниот доказен материјал во оваа истражна постапка произлегоа индиции по однос на постапување со средствата од ИПАРД програмите за што ОЈО ГОКК отвори предистражна постапка која е во тек.
С. К. ДЕЛЕВСКА



