Новото парламентарно мнозинство што во петок навечер го објави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е доволно за да падне Владата на СДСМ со коалицијата и ДУИ, а за формирање нова Влада допрва ќе се разговара. Тоа го кажа и Африм Гаши од Алтернатива, откако партијата Беса со своите три пратеници најави дека преминува во опозиција.
Новото парламентарно мнозинство го сочинуваат ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците, Беса и Алтернатива.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кажа дека обезбедиле ново парламентарно мнозинство, но постапка за недоверба на Владата ќе покренат ако премиерот Зоран Заев не поднесе оставка. Средбата во петок навечер била, како што кажа, да покажат пред јавноста дека постои мнозинство во Парламентот кое, ако Заев не поднесе оставка ќе изгласа недоверба на Владата.
Прашан зошто не ги достават потписите за недоверба на Владата Мицкоски кажа дека не знае како работи Собранието.
„Утре е сабота, не знам службите дали работат утре, задутре во понеделник. Да видиме како работи Парламентот бидејќи не сум бил пратеник. Ако утре Заев ја поднесе оставката има законски рокови 10 дена претседателот на државата да го даде мандатот, потоа 20 дена преговори и во наредниот период да создадеме ново парламентарно мнозинство“, кажа Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали веќе како ново парламентарно мнозинство имаат мандатар, Мицкоски кажа дека за тоа не е разговарано и допрва треба да седнат да разговараат за визијата и за стратегијата со останатите политички партии. Тој рече дека се отворени опциите за нова влада со ново парламентарно мнозинство, или брзи предвремени избори.
Африм Гаши од Алијанса за Албанците изјави дека на иницијатива за недоверба на владата ги дале потписите од нивните пратеници, но нема да поддржат Влада која не е за НАТО и ЕУ.
„Нема да ја оставиме државата без Влада. Тоа што сакам да го истакнам е дека Алтернатива нема да биде дел од Влада што би сакала да отстапи од нашите стратешки ориентации НАТО и ЕУ. Така што, ќе настојуваме по секоја цена државата да го задржи овој курс дури и да биде уште поквалитетен“, кажа Гаши.
А. АНТЕВСКА