ПАРТИЈАТА КОЈА ГО СОЗДАДЕ НАСИЛСТВОТО НА 27 АПРИЛ НЕ САКА НИТУ ВЕРБАЛНО ДА СЕ ОГРАДИ ОД НЕГО, КАЖА ШЕКЕРИНСКА ЗА ВЧЕРАШНИОТ ПРОТЕСТ ВО СКОПЈЕ

    ПАРТИЈАТА КОЈА ГО СОЗДАДЕ НАСИЛСТВОТО НА 27 АПРИЛ НЕ САКА НИТУ ВЕРБАЛНО ДА СЕ ОГРАДИ ОД НЕГО, КАЖА ШЕКЕРИНСКА ЗА ВЧЕРАШНИОТ ПРОТЕСТ ВО СКОПЈЕ„Такви ситуации можат да се случат и во демократски држави, но за да не се повторуваат мораме сите да ги осудиме“, вели Шекеринска. (архивска фотографија)

    Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која беше една од повредените за време на организираниот напад во Собранието на 27 април 2017, вели дека со вчерашниот протест во Скопје, раководството на ВМРО-ДПМНЕ дава поддршка на насилството, место да го осуди.

    „Такви ситуации можат да се случат и во демократски држави, но за да не се повторуваат мораме сите да ги осудиме. Она што го видов вчера на улиците на Скопје не беше осуда, тоа беше поддршка. Она што го видов вчера во Скопје е партијата која што го создаде насилството ниту вербално не сака да се огради од него. На 27 април 2017, да, тоа беа воглавно наши глави 10-20-30, но ако во општеството и во државата се создава клима дека тоа е ОК и удираат аплаузи на такво насилство утре ќе биде нечија друга глава, не само нашата. Осудата на насилството мора да биде дел од нашата политичка култура, без разлика кој и да бил нападнат, повреден или на чекор до смрт. Мислам дека многу луѓе од одредени политички партии се засрамија, по 27 април говореа дека не мислеле дека ќе дојде дотаму и им верував. Кога вчера повторно ги видов еден дел построени со аплауз за насилството, мислам дека не сме ја научиле лекцијата“, кажа Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање за вчерашниот протест во Скопје, за време на посетата на воениот полигон „Криволак“, заедно со американската амбасадорка Кејт Брнз.

    Таа додаде дека политичарите може секој ден да имаат различни ставови во парламентот и тие различни ставови таа ги почитува, но вели дека мораме да се одредат црвени линии кои не смеат да се поминат.

    Вчера во Скопје се одржа протест за ослободување на осудените за нападот во Собранието на 27 април 2017, а на протестот присуствуваше раководството на ВМРО-ДПМНЕ, на чело со лидерот Христијан Мицкоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира