Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск кажа дека во вторникот министрите за надворешни работи на ЕУ го отворија патот за почнување преговори за членство за Македонија и Албанија во јуни 2019 година очекува вечерва шефовите на влади да ја потврдат одлуката.
Според Туск, напредокот немало да биде успешен без силниот ангажман на македонската Влада, посочувајќи ги Договорот за добрососедство со Бугарија и Договорот со Грција за решавање на спорот со името, кои, според него, претставуваат пример за другите во регионот како да се решаваат проблемите.
„За време на мојата посета на Скопје ја видов јасно изразената политичка волја да одите напред во евроатлантските интеграции, и оти ќе останете на тој пат да одржите чекор во реформите во клучните области“, рече Туск на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев во Брисел.
Заев рече дека денеска во Брисел во срцето на Европа е потврдена големата вест Република Македонија да добие датум за преговори во јуни 2019.
„Нашата земја го заслужи тоа. Лидерите на ЕУ рекоа да, земјата го заслужува тоа. ЕУ прифати дека Македонија од заробена држава за само една година направи пресврт. За само една година Република Македонија е земја позитивни промени, на инклузивност, политички дијалог, за политичка волја за решавање на проблемите со соседите“, кажа Заев.