ПАЦИЕНТИТЕ НА ДИЈАЛИЗА ОСТАНУВААТ ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“, ЌЕ ДОБИЈАТ И ПЛУС 3 АПАРАТИ

    ПАЦИЕНТИТЕ НА ДИЈАЛИЗА ОСТАНУВААТ ВО БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“, ЌЕ ДОБИЈАТ И ПЛУС 3 АПАРАТИВо болницата „8 Септември“ работи Центар за дијализа кој е најсовремен центар за лекување на бубрежно болните и таму се лекуваат 60-тина пациенти негативни на коронавирусот кои се на хроничен програм на дијализа, вели Душко Ѓорѓиев, претседател на Здружението за бубрежно болни „Нефрон“. (Фото: СДК.МК)

    Пациентите кои треба да примаат дијализа во новоформираниот Ковид-центар при Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ денес ќе добијат уште три апарати и ќе имаат вкупно 6, а со тоа се зголемува капацитетот на Ковид-центарот кој во 3 смени може да опслужи повеќе од 30 пациенти, што е далеку повеќе од моменталната потреба, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК Душко Ѓорѓиев, претседател на Здружението за бубрежно болни „Нефрон“. Лицата со бубрежни болести се меѓу најкритичните групи кои се заразуваат од коронавирус.

    Изминативе денови, пациентите од матичниот Центар за дијализа, кој е физички одвоена целина во болницата и во кој редовно се третираат 60-тина пациенти, се соочија со фактот дека без претходна најава Центарот се затвора за редовен хроничен програм, а тие веднаш треба да се преселат во други центри за дијализа, додека постојаниот Центар да се претвори во нов Ковид-центар. Ѓорѓиев вели дека пациентите не биле навремено известени и се затекнати од таквата одлука, но вчера имале итен состанок со персоналот од болницата и со државниот секретар Владимир Милошев во Министерството за здравство, наишле на разбирање и останува одлуката пациентите да продолжат да се лекуваат тој центар.

    Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција, одговорајќи на новинарско прашање зошто се селат пациентите со дијализа, рече: „Сите опции ги држиме отворени. Ќе продолжи вака системот. Идејата беше да се заштитат пациентите и целосно да се одвојат пациентите на дијализа позитивни од тие што се целосно здрави и им е потребна дијализа, но со оглед на тоа што се јави и претседателот на здружението, засега ќе продолжи вака“.

    „Го анализиравме целокупниот проблем и сметаме дека сѐ уште не се исцрпени сите можности и капацитети на новоформираниот Ковид-центар, за што наидовме на разбирање кај министерот за здравство Венко Филипче и државниот секретар“, велат од „Нефрон“.

    Ѓорѓиев кажа дека во „8 Септември“ работи Центар за дијализа кој е најсовремен центар за лекување на бубрежно болните и таму се лекуваат 60-тина пациенти негативни на вирусот кои се на хроничен програм на дијализа . Во моментов во Ковид-центарот се третираат и 12-13 позитивни пациенти од цела Македонија, има најава за уште, но како што вели Ѓорѓиев, тие се асимптоматски и можеби нема да има потреба од болничко згрижување.

    „Препорачуваме, отсега пациентите кои се асимптоматски или суспектни на КОВИД-19 да примаат дијализа во матичните центри таму каде што за тоа постојат услови (по случајот на ‘Диамед’ во Ѓорче Петров), а во Ковид-центарот во ‘8 Септември’ на дијализа да се третираат пациентите со потешка клиничка слика на кои што им е неопходно болничко згрижување. Изразуваме голема благодарност до медицинските сестри и до д-р Мајда Мемедовска, затоа што се максимално посветени на нашите пациенти. Во изминатите месеци беа максимално посветени и одговорија на предизвикот, и рекоа дека се спремни по потреба и во четири смени да вршат дијализи, за да не остане незгрижен ниту еден пациент. Дел од персоналот се ротира и работи и во Ковид-центарот на болницата со позитивни пациенти, помош има и од сестри од ‘Диаверум’, Клиника за нефрологија и ‘Систина Нефроплус’. Досега, сите се максимално заштитени и нема проширување на заразата од Ковид-центарот за дијализа“, вели Ѓорѓиев.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира