ПАЦИЕНТИТЕ ОД ШТИП И КОЧАНИ СЕ ПРЕФРЛЕНИ ВО СКОПЈЕ, ТАРАВАРИ АПEЛИРА СИТЕ КОИ БИЛЕ ВО ИЗГОРЕНАТА ДИСКОТЕКА ДА СЕ ЈАВАТ КАЈ МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ

    ПАЦИЕНТИТЕ ОД ШТИП И КОЧАНИ СЕ ПРЕФРЛЕНИ ВО СКОПЈЕ, ТАРАВАРИ АПEЛИРА СИТЕ КОИ БИЛЕ ВО ИЗГОРЕНАТА ДИСКОТЕКА ДА СЕ ЈАВАТ КАЈ МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИТаравари и Клековски рекоа дека пациентите во критична состојба се испраќаат во странство, поради третата фаза од лекување на ваков вид повреди, а тоа е третман на евентуални инфекции. (Фото: К. Попов)

    Сите пациенти кои вчера беа хоспитализирани во болниците во Кочани и Штип, денеска се префрлени во болниците во Скопје, рече министерот за здравство Арбен Таравари. Во вчерашниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ загинаа 59 лица на возраст од 14-25 години, главнината од Кочани и околината.

    Во Македонија се 84 лица хоспитализирани, а во странство ќе се лекуваат 51 пациент, вкупно 135. Седум малолетници се меѓу хоспитализираните.

    На скопскиот Клинички центар „Мајка Тереза“ има 49 хоспитализирани, во Градска општа болница ( ГОБ) „8 Септември“ – 18 пациенти, Универзитетска клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – 17 пациенти. Во Турција се испратени 9, во Бугарија 14, во Грција 5, во Србија 17, во Унгарија 2 и четворица пациенти во Литванија. Денес се очекува уште двајца да заминат за Словенија, за Хрватска 4, за Австрија 6 и 12 да заминат со авион за Белград.

    „Пациентите кои се во Македонија се во релативно стабилна состојба. Очекувам да нема компликации. Денес во болницата во Штип се јавиле двајца пациенти кои вчера немале никакви симптоми. Затоа апелираме до сите кои биле во дискотеката, иако немаат симптоми да се пријават кај матичните лекари за да може да ги следиме. Во соработка со Клиниката за психијатрија, ќе се направат тимови на психијатри и психолози, кои ќе работат во Кочани за поддршка на семејствата“, изјави Таравари.

    Министерот и директорот на Фондот за здравствено осигрување (ФЗОМ) Сашо Клековски рекоа дека пациентите во критична состојба се испраќаат во странство, поради третата фаза од лекување на ваков вид повреди, а тоа се третман на евентуални инфекции.

    „Првата фаза и втората фаза, хируршки третман и интензивна нега се пружени во Македонија, но за третата фаза, кога се можни инфекции, на овие пациенти им се потребни стерилни услови и затоа се испраќаат во повеќе установи. Нам ни се случи шок. И да имавме Центар за изгореници, тоа ќе беа 4 бокса, за третман на изгореници на пример од струја. Во ваква несреќа, ниту еден Центар за изгореници немаше да помогне“, кажа Клековски.

    Обвинителството побарало краткотраен притвор додека се наоѓаат доказите за 8 од 11 приведени лица, додека останатите се во болница со тешки повреди од вчерашниот катастрофален пожар во необезбедената импровизирана дискотека „Пулс“ во Кочани. Од полициска станица сè уште не е вратен ни ексминистерот за економија Крешник Бектеши, кој синоќа беше повикан на информативен разговор. Судија на претходна постапка во Основниот суд Кочани во моментов одлучува за барањата за притвор, кажа Обвинителството.

    Вчера, државниот обвинител Љупчо Коцевски кој работи од Кочани, кажа дека за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ обвинителите ќе бараат притвор за најмалку за 10 лица, осомничени за разни тешки кривични дела: од тешки дела против сигурноста, преку примање и давање мито, до пуштање во промет на опојни дроги.

    „Пропустите се големи. Слободно можам да кажам дека се работи за ерозија на системот“, кажа државниот обвинител Коцевски кој исто така е вчудовиден како можело воопшто некогаш оваа дискотека да добие лиценца за работа.

    Владата прогласи 7-дневна жалост на територија на целата држава и повика секој да се придржува до одлуката, „бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни“. Го задолжи и Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор), на територијата на земјава и за наодите од надзорот веднаш да ја извести Владата, „за да се утврди фактичката состојба дали истите работат според стандардите ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира