ПАЦИЕНТИТЕ СЕ БЕЗБЕДНИ, КЕДЕВ Е СМЕНЕТ ОТИ ЧЕСТО Е ОТСУТЕН, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА КАРДИОЛОГИЈА ЗИМБАКОВ

    ПАЦИЕНТИТЕ СЕ БЕЗБЕДНИ, КЕДЕВ Е СМЕНЕТ ОТИ ЧЕСТО Е ОТСУТЕН, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА КАРДИОЛОГИЈА ЗИМБАКОВ„Тврдам дека проф. Кедев не е деградиран во обичен кардиолог, тој и натаму е дел од тимот на интервентна кардиологија и во моментов е во сала“, вели д-р Жан Зимбаков, директор на Кардиологија; Сашко Кедев (Фото: СДК.МК)

    Не се точни тврдењата на проф. д-р Сашко Кедев дека пациентите не се безбедни на Клиниката за кардиологија, реагираше денес д-р Жан Зимбаков, новиот директор на Кардиологија. Тој кажа дека интервентна кардиологија на Клиниката се изведува како и досега и дека интервенциите ги извршуваат истите 13 интервентни кардиолози, кои истата работа ја работеле и за време кога директор на Кардиологија беше проф. Кедев.

    „Ништо не е сменето, истиот тим и истите луѓе работат интервентна кардиологија. Единствено проф. Кедев е разрешен од раководител на одделот за интервентна кардиологија, бидејќи често отсуствува, не доаѓа на утринските колегиуми, нема термин во електронскиот систем за закажување МојТермин. Од чисто организациони причини назначен е друг доктор за раководител, кој ќе биде постојано присутен и за раководител на одделот назначен е д-р Оливер Калпак“, рече д-р Зимбаков.

    Проф. Кедев завчера кажа дека веќе не е во тимот на интервентни кардиолози на Клиниката, и дека новиот директор во тимот кардиолози што вршат стентирање ставил двајца кардиолози што немаат искуство со каротидно стентирање.

    „Сега сум вратен на позиција како пред 20-25 години. Сега сум обичен кардиолог специјалист. Има нов директор и нов раководител на интервентна кардиологија, кои не се меѓу првите пет интервентни кардиолози. Тоа Филипче го знае, но ништо не презема“, рече проф. Кедев, кој смета дека поради негрижа интервентната кардиологија може да премине во приватното здравство.

    Зимбаков кажа дека проф. Кедев и натаму останува во тимот на интервентни кардиолози и дека и денес е во сала и врши каротидно стентирање.

    „Тврдам дека проф. Кедев не е деградиран во обичен кардиолог, тој и натаму е дел од тимот на интервентна кардиологија. Никој не може да му го одземе знаењето на проф. Кедев, тој е и професор, ниту пак му е оневозможено да работи. Наша интенција е како врвен стручњак да остане на клиниката“, рече д-р Зимбаков.

    Тој кажа дека идејата е на Клиниката да се работи тимски, без да има фаворизирање на едни доктори, за сметка на други.

    Д-р Христо Пејков, интервентен кардолог на Клиниката за кардиологија, кажа дека лани тим од 13 интервентни кардиолози имале 6.500 интервенции, од кои 750 на пациенти со акутен инфаркт, над 3.000 стентирања, и 118 каротидни стентирања.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира