ПЕНДАРОВСКИ БАРА БУГАРИЈА ДА ГИ ОТКРИЕ И КАЗНИ НАПАЃАЧИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ КЛУБ ВО БЛАГОЕВГРАД

    ПЕНДАРОВСКИ БАРА БУГАРИЈА ДА ГИ ОТКРИЕ И КАЗНИ НАПАЃАЧИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ КЛУБ ВО БЛАГОЕВГРАД„Вандализам и криминал од овој вид не се европски вредности и потребна е осуда, а се разбира и откривање и соодветни казни за сторителите на овој чин“, рече Пендаровски. (Фото: ОМО Илинден)

    Претседателот Стево Пендаровски најостро го осудуди каменувањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, Бугарија, при што синоќа беше скршено стаклото. Пендаровски во објава на Фејсбук рече дека „вандализам и криминал од овој вид не се европски вредности и потребна е осуда, а се разбира и откривање и соодветни казни за сторителите на овој чин“.

    „Истовремено, изразувам жалење за инцидентите на македонската граница предизвикани од страна на група граѓани на Република Бугарија предводени од пратеници во нивниот Парламент. Изразувам жалење што не сведочиме и на осуда за нападите насочени кон македонските полицајци и кон македонските институции. На припадниците на полицијата и надлежните органи им честитам за достоинството и професионализмот при справувањето со агресивните вандали“, рече Пендаровски осврнувајќи се на вчерашниот инцидент кога тројца бугарски државјани се обиделе физички да нападнат македонски полицајци на граничниот премин Деве Баир. Тројцата беа казнет со по 300 евра, протерани и добија тригодишна забрна за влез во земјава.

    Инцидентот се случи вчера претпладнето, кога повеќе од два часа беше паднат системот на сите гранични премини во земјава, поради што не се пропуштаа возила. Меѓу блокираните беа и 100-150 бугарски граѓани, кои заедно со бугарската делегација на чело со министерот за внатрешни работи Иван Демерџиев требаше да дојдат во Скопје на одбележувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.

    Пендаровски ја коментира и изјавата на поранешниот амбасадор на Бугарија во  Македонија, а сегашен пратеник во Европскиот Парламент, Александар Јорданов, кој денеска на Фејсбук напиша дека за Македонија нема место во Европската Унија, а за Македонците вели дека се „црвени ѓубриња“, „титоисти“, „србомански измет“ и „одродени Бугари“.

    „Изјавата содржи навреди и погрдни фрази за македонскиот народ, потполно недолични за еден дипломат и пратеник во Европскиот Парламент. Во овој случај, сакам да додадам дека не станува збор само за отсуство на елементарна култура кај именуваниот, туку и за најостра форма на говор на омраза, која е без преседан во историјата на македонско-бугарските односи.
    За жал, територијалните претензии и негирањето на македонската нација станаа секојдневие. За ваквите негаторски испади, очекуваме навремена и соодветна реакција на официјална Софија“, вели Пендаровски.

    Подоцна вечерва и премиерот Димитар Ковчевски го осуди каменувањето на македонскиот клуб во Благоевград како чин на вандализам.

    „Ваквите активности не соодветсвуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, објави на Фејсбук Ковачевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира